Од партијата Глас за Македонија на Солза Грчева бараат прекин на преговорите за името со Грција, и враќање на прашањето на правен, како што велат, а не на политички терен. Од таму сметаат дека предлогот на Заев „Република Илинденска Македонија“ ќе претставува капитулација од македонска страна.
„Придавката “Илинденска“ која на прв поглед е шеќерна обланда која треба да им се продаде лесно на Македонците поради емотивната врска со двата Илиндена, е всушност име кое не се преведува и е тотално бесмислено за меѓународна употреба.
Ниту може да се изговори, ниту да се преведе, ниту има пошироко значење. Со тоа Грција ќе извојува комплетна победа на своите никогаш непроменети барања да не бидеме препознатливи како нација, а ние ќе служиме за потсмев. Второ, како секуларна држава никако не смееме да си играме со верски поими (Св. Илија) бидејќи ќе личиме на Велигденските острови.
Глас за Македонија дава предупредување до власта, но и до опозицијата никако да не им падне на памет да поддржат промени на името Република Македонија, најмалку да дозволат мајтапење со некаква „креативност“. Бараме моментален прекин на задкулисните договори со Република Грција и враќање на проблемот на правен, а не на политички терен.“ – Солза Грчева, Глас за Македонија