Гратис новогодишно украсување, после 3 договори од 730 илјади евра

Компанијата „Линк Медиа“ се согласи спогодбено да го раскине вредниот договор со Град Скопје и годинава бесплатно да го украси плоштадот, откако претходните 3 години за оваа услуга наплаќаше по околу 15 милиони денари.

by Фокус

За разлика од претходните години, во пресрет на оваа Нова година е поскромно украсен централниот плоштад и центарот на Скопје, каде може да се види елка, осветлен тунел, реквизити со сијалички, но тоа далеку помалку помпезно во споредба со претходните години.

По промената на локалната власт, Град Скопје одлучи да го раскине договорот со компанијата „Линк Медиа“ за украсување на градот, со образложение дека треба да се штедат средства поради исцрпениот буџет, но, исто така, да се штеди и електрична енергија во време на енергетска криза.

Најчесто, во вакви ситуации секоја компанија се обидува да ги заштити деловните интереси, така што по судски пат се обидува да наплати за раскинување на веќе потпишан договорот. Арно ама, во случајов Градот не го раскина договорот еднострано, туку тоа го направи спогодбено со „Линк Медиа“, која, патем одлучи про боно да го украси центарот.

На мојот повик, се јавија компании кои ја покажаа својата општествена одговорност, а една од нив најави дека ќе го украси градот Скопје за Нова Година без финансиски импликации по градот – изјави новата градоначалничка Данела Арсовска, по средбата првите луѓе на компанијата Линк медиа.

ПОСТАПКИ СО ЕДЕН ПОНУДУВАЧ

Инаку, договорот со „Линк Медиа“ за изработка и реализација на проект за украсување и декорирање по повод Новата 2022 година, во име на Градот го склучи поранешниот градоначалник Петре Шилегов на почетокот на ноември (03.11.2021), кога веќе беше завршен вториот круг од локалните избори (30.10.2021), но се уште не беше направено примопредавање на власта (08.11.2021).

Во самиот договор стои дека договорниот орган може да го раскине, да бара негово исполнување во дополнителен рок или да наплати банкарска гаранција ако економскиот оператор не ги исполни договорните обврски и условите од техничката спецификација. Исто така, и компанијата има право да го раскине договорот ако договорниот орган не се придружува до него.

Во договорот не се предвидува можност за еднострано раскинување од ниту една од страните, што значи дека доколку компанијата не се согласи тоа да се направи спогодбено, Градот не можел да го раскине без последици. Меѓутоа, ваквата спогодбена одлука доаѓа по неколкугодишна плодна соработка.

Официјалните податоци покажуваат дека двете страни склучиле договор за украсување на Скопје и во претходните 3 години, чија вредност, исто така варира околу 15 милиони денари или вкупно 45 милиони денари. Всушност, вредноста на сите договори одговара на нивната проценета вредност и сите постапки се спроведени со еден понудувач.

ЕДЕН ИСПОРАЧУВА, ДРУГИ ПРОИЗВЕДУВААТ

Иако побаравме, од „Линк Медиа“ не добивме коментар како и зошто годинава донеле одлука бесплатно да ја извршат услугата. Воедно, од таму не ни одговорија ниту на прашањето какви и колкави ресурси (планираат да) потрошат за украсување на центарот на Скопје и скопскиот плоштад?

Меѓутоа, треба да се наведе дека истата компанија го украси и Градскиот трговски центар и зелениот кров на ГТЦ, но во овој случај не го стори тоа бесплатно. Според Бирото за јавни набавки, АД ГТЦ и „Линк Медиа“ склучиле договор за новогодишно украсување во вредност од над милион денари, а фирмата годинава добила тендери за новогодишно украсување и од Општина Аеродром од 1,7 милиони денари, како и еден помал од Крива Паланка од 500 илјади денари.

Притоа, оваа компанија соработувала со државни институции и јавни органи во други области. Така, друштвото, во групација со гостиварската „Голд Ива“, пред два месеци склучило договор со ЈСП Скопје за заштитна ХТЗ опрема и средства во вредност од 7,8 милиони денари. Поточно, се работи за работни униформи и други додатоци, како што своевремено испорачуваше за полицијата.

Во тој контекст, во изминативе неколку години Министерството за внатрешни работи и „Линк Медиа“ склучиле неколку договори за униформи и перење на возила. Меѓу другото, МВР склучил договор со оваа компанија за маици и ремени за полицајците, но тие ги произведувале други фирми – „Супер Хит“ и „Југо Млаз“.

Влатко Стојановски

Поврзани новости