Грант од 61 милион денари за десетина општински проекти

by fokus

На десетина општини им се доделени грант-средства од речиси 61 милион денари преку Проектот за подобрување на општински услуги (МСИП), кој го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска банка.

Овие средства ќе влезат во финансиска конструкција за 14 општински проекти како – изградба на училиште, реконструкција на постојно училиште, набавка на опрема за градинка, набавка на опрема за детско игралиште, изградба и реконструкција на патна инфраструктура, набавка на професионални возила и мултифункционални машини, соопшти Министерството за финансии.

Станува збор за општините Кисела Вода, Крушево, Центар, Гостивар, Ѓорче Петров, Кривогаштани, Шуто Оризари, Ресен, Кочани, Желино, Студеничани и Чучер Сандево. Грант-средствата ги доделува Светска Банка за претходно успешно реализирани проекти преку МСИП на општините.

„Со грантовите ќе се поддржи изградба на училиште во општина Желино, во населеното место Церово, понатаму реконструкција на основното училиште „Мите Богоевски“ во населеното место Болно во општна Ресен, набавка на опрема за изградба на детско игралиште во општина Шуто Оризари и набавка на опрема за градинката „Пепелашка“ во општина Центар. Во Кисела Вода, Чучер Сандево и Студеничани ќе се изврши реконструкција на локални улици, а во Кочани средствата се наменети за регулација на Кочанска река. Во останатите општина средствата ќе се користат за набавка на општинска механизација и машини“, велат од МФ.

Од таму додаваат дека главна цел на овие проекти е подобрување на услугите на општините и условите за живот на целокупното население преку проекти за подобрување на локалната инфраструктура.

Поврзани новости