Гранка падна од дрво и повреди десетгодишно дете во Карпош

by Fokus

Десетгодишно дете е тешко повредено откако врз него паднала гранка од дрво во Карпош. Детето се здобило со повеќе повреди и скршеница и се наоѓа на одделот за интензивна нега на Клиниката.

Од општина Карпош соопштија дека станува збор за старо и труло дрво кое веќе било обележано за сечење, но кое не било навремено исечено од страна на надлежното јавно претпријатие Паркови и зеленило. Од општината апелираат до Градот Скопје навремено да ги сече дотраените дрва, а надлежните институции да побараат одговорност.

- Advertisements -

По овие обвинувања, се огласија и од ЈП Паркови и зеленило, кои го демантираат тврдењето на општина Карпош дека дрвото од кое денеска падна гранка и повреди дете било обележано за сечење. Оттаму велат дека до нив не стигнало никакво барање за сечење.

„Во врска со денешниот немил настан во општина Карпош кога гранка од дрво повреди дете ЈП Паркови и зеленило изразува длабоко жалење. Ја информираме јавноста дека најостро ги демантираме наводите на општина Карпош дека дрвото било обележано за сечење. За конкретното дрво до нас нема пристигнато никакво барање ниту пак има издадено Решение за сечење. По барањата на странките за интервенција врз дрвјата редовно се постапува. Во досегашното работење на сите барања на Општина Карпош е одговорено. Во член 29 став 2 во Законот за урбано зеленило стои дека врз основа на поднесеното барање, општината е должна во рок од седум дена да донесат решение со кое ќе ја утврдат потребата за сечење, односно кастрење на оштетеното дрво, и на видливо место се обележува дека дрвото е за сечење или кастрење со црвена боја на височина од 130 сантиметри (сечење: „С“ или кастрење: „К“). Во случајот е евидентно дека дрвото не е обележано со никаков знак како што е утврдено во Законот за урбано зеленило. Сметаме дека надлежните од општината го злоупотребиле овој немил настан од причина што доколку се работи за подрачје на нивна општина за кое требало да поднесат барање“ се вели во реакцијата на ЈП Паркови и зеленило.

Од претпријатието изразуваат длабоко жалење за немилиот настан.

Поврзани новости