Границата меѓу Македонија и Албанија на Ќафасан од денеска се поминува со едно застанување

by fokus

Премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Владата на Република Албанија, Еди Рама, денеска, на заеднички настан го пуштија во употреба концептот „One-stop-shop“, заедничко управување на граничните и царински контроли со едно застанување на граничниот премин Ќафасан-Ќафтане. На настанот на кој присуствуваа министри во двете влади, пратеници, како и највисоки претставници на институциите за царинско управување на двете земји, се обратија премиерите Ковачевски и Рама, како и вицепремиерите Груби и Балуку.

Во своето обраќање, премиерот Ковачевски ги истакна конкретните чекори од страна на двете влади, во насока на поврзување на граѓаните и на економиите на двете земји. Премиерот Ковачевски истакна дека проектот „One-stop-shop” е уште една потврда за заложбите на Владата на Северна Македонија и Владата на Албанија за зајакнување на економските процеси, олеснување на царинските процедури, слободниот проток на луѓе и капитал не само меѓу нашите две земји, туку и меѓу земјите на Западен Балкан.

„Денес овозможуваме побрз проток на нашите граѓани, помеѓу двете држави и побрз проток на компаниите кои што транспортираат производи на најголемиот граничен премин помеѓу двете држави. Овозможувањето на проток на луѓе и капитал истовремено ги зголемува и врските помеѓу луѓето, комуникацијата помеѓу луѓето. Го зголемува и дружењето помеѓу луѓето, нешто што цел половина век фалеше помеѓу Албанија и во тоа време Македонија. Денес сето тоа е минато и денес ние претставуваме пример како треба да се однесуваат две соседни држави. Со ова се олеснува работата на 11 илјади компании од нашата држава кои се ориентирани кон извоз, кои се ориентирани кон трговија со други држави. На овој начин означуваме полесен пристап до пристаништата во Албанија. На овој начин овозможуваме полесен пристап и до туристичките места во Албанија, меѓутоа и до туристичките места во Северна Македонија. Најубавите се тука токму на неколку километри од овој граничен премин“, рече премиерот Ковачевски.

Поврзани новости