(Видео)Гранатирани Лавов, Киев и Запорожје, масовен напад на Русија во Украина

by Fokus

Русија во текот на ноќта изврши серија напади врз Украина, а според локалните медиуми, на удар се градови низ земјата – главниот град Киев, Запорожје на југ и Лавов на запад.

Воената администрација на Киев објави дека Москва во раните утрински часови извршила напад со беспилотни леталa, предупредувајќи ги жителите да се засолнат. Засега нема информации за жртви.

Подоцна беше објавено дека градската противвоздушна одбрана открила и уништила дваесетина беспилотни летала Шахед од иранско производство во масовен воздушен напад. Како што се наведува, ова е втор напад со дрон врз градот од почетокот на месецот.

Во Лавов погоден е и запален дел од критичната инфраструктура, соопшти градската воена управа. Во нападот нема повредени. Претходно градоначалникот Андриј Садовиј извести за експлозии во Лавов и околината. Не е јасно дали експлозиите дошле од воздушна одбрана или од ракетни напади.

Сирените за опасност се огласија и во Запорожје, објави Киев Индипендент, истакнувајќи дека овој град на југот е цел на жестоки руски напади во последните неколку дена.

Ситуацијата во градот беше стабилна и покрај немирната и бучна ноќ, изјави подоцна на Телеграм шефот на градскиот совет, Анатолиј Куртев.

„Нема повредени и нема оштетувања на станбени згради, додека сите комунални системи работат нормално“, рече тој.

Поврзани новости