Новиот поглавар на ИВЗ, Скендер Бузаку бил избран на вонредна седница во ИВЗ, откако дотогашниот поглавар Сулејман Реџепи, наводно поднел оставка. Ова се констатира од денешното соопштение на Основниот суд Скопје 2, во кое се наведува дека тие само ја потврдиле одлуката донесена на вонредната седница на Ријасетот.
Оттаму сепак истакнуваат дека одлуката е неправосилна, бидејќи тече рокот за жалби од 15 дена.
Соопштението на судот во целост:
-Врз основа на поднесена неотповиклива оставка на Реис Ул Улема на Исламска Верска заедница – Сулејман еф Реџепи, примена на ден 25.03.2019 година и заведена под број 15-13/174, Ријасетот на ИВЗ на РМ на ден 30.03.2019 година, одржал вонредна седница на која е прифатена оставката на досегашниот Реис Ул Улема и на истата седница за Реис Ул Улема е избран Скендер Бузаку.
Врз основа на донесените одлуки на Ријасетот на Исламската Верска Заедница на ден 03.04.2019 година, до Основниот суд Скопје II Скопје поднесено е барање за промена на лице за застапување на Исламската Верска Заедница. Постапувајќи по поднесеното барање Основниот суд Скопје II Скопје, на ден 17.04.2019 година, донесе решение со кое барањето на Исламската верска заедница за промена на вршење на функција Реис Ул Улема е уважено и врз основа на поднесените документи извршена е промена на функција Реис Ул Улема, па како Реис Ул Улема е запишан г-дин Скендер Бузаку. Наведената одлука за промена на вршител на функцијата Реис Ул Улема не е правосилна, односно за истата течат рокови за жалба од 15 дена.
Во оваа смисла, потенцираме дека судот не врши промена, туку спроведува и потврдува одлуки на верската заедница што се донесени на вонредна седница на Ријасетот, а врз основа на член 36 и член 68 од Уставот на Исламската Верска Заедница.
По однос на прашањето на дел од медиумите дали неотповикливата оставка на Реис Ул Улема Сулејман Реџепи е фалсификат или не, Ве известуваме дека тоа може да биде предмет на друга постапка. Во постапка согласно Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група, судот само врши потврда на одлуките донесени од верската заедница и истите ги изразува во Решение за промена. Наведеното дотолку повеќе што сите одлуки во барањето за промена на Реис Ул Улема се со печат на верската заедница и заведени под деловоден број на заедницата, велат од Основниот суд Скопје 2.