Граѓанската иницијатива „5 до 12“ по четврти пат ќе кампува пред Собранието

by fokus

Граѓанската иницијатива „5 до 12“ од денеска повторно ќе кампува во Паркот на жената борец спроти Собранието.

Ова е четврти камп на граѓанската иницијатива, односно 60 дена граѓански активизам во претходниот систем со претходната Влада и Собранието, и 60 дена граѓански активизам со сегашната Влада и сегашното Собрание.

Од иницијативата велат дека тие ја имаат поддршката од претставниците на политичките партии во Собранието за измени на законските и подзаконските акти кои се однесуваат на лицата со посебни потреби.

„Сепак, времето одминува, а освен поддршката изразена со зборови на работните состаноци, конкретни резултати од ресорните министерства сè уште нема, односно процесот на интегрирање на граѓанскиот сектор во креирањето на политиките кои се однесуваат на лицата со посебни потреби, останува нерешен“, велат од „5 до 12“.

Затоа, велат од таму, кампувањето со шатори продолжува со следните барања: вклучување на лицата со посебни потреби како приоритет во програмата на Владата и во работата на Собранието, како приоритет во буџетот на Р. Македонија и буџетите на општините на Р. Македонија, потоа вклучување на граѓанскиот сектор во креирањето на политиките кои се однесуваат на лицата со посебни потреби и во наоѓање решенија за подобрување на условите за живеење на лицата со посебни потреби, како и вклучување на граѓанскиот сектор во имплементација и супервизија на проектите што се однесуваат на лицата со посебни потреби.

Граѓанската иницијатива „5 до 12“ ги повикува сите лица со попреченост, хендикеп или посебни потреби, заедно со нивните родители и семејства, да ја поддржат иницијативата и да учествуваат во процесот за изедначување на сопствените права.

Поврзани новости