Не, драго мое збунето, стутулено граѓанство. На Фросина, ако гледа некаде од небото, не ѝ требаат нашите солзи, цвеќето, свеќите, туку нашата граѓанска будност, заинтересираност, бурна реакција на сѐ што не чини, за да не се случи набргу таму горе да си замине некоја друга Фросина (скраја да е).
Пишува: Ана ПАНОВСКА
Како народ што живее во оваа наша Македонија, конечно мора да се прашаме и да си одговориме зошто сме толку сиромашни, бедни, јадни, што преку ноќ решаваме нашиот патриотизам, родољубие и идентитет да го трампаме за профитабилното понижувачко молење кај бугарската држава за добивање бугарски пасош – 1.700 нови пасоши само во минатата 2024 година!
Зошто сме толку малодушни и зошто бараме секакви оправдувања. Сиромашни сме, не зашто сме мали, не зашто немаме доволно рудни богатства, не зашто немаме плодни ниви, не зашто немаме чисти води, не зашто немаме млади, умни и образовани луѓе, туку затоа што поголемиот дел од населението е бавномислечки, површен, немарен и бескрајно инертен, комотен и самобендисан.
Таквиот материјал опасно ја задушува и ја потиснува онаа движечка енергија, онаа мала, учена интелектуална елита, која во секое демократско општество… ВОДИ! Таквите интелектуални јадра, вградени во разни области на животот, го создаваат прогресот и развојот на државата.
ПРИУЧЕН–НЕДОУЧЕН
Но, нашава политика бега од нив. Нејзе ѝ е блиска категоријата: приучен – недоучен. Па, кога таквите ќе се доберат до власт, не мислам само на оваа последнава власт, туку на сите власти досега, резултатот за државата и за населението е поразителен.
Се нема визија, се ставаат само закрпи на скинатото, па се крпи нешто друго дрпнато, па се лепи на местата каде што нешто зјае подзинато, па со целофан се затскрива грдата надворешност на животот што секојдневно го живее граѓанството.
А, тоа, граѓанството, со солзи во очите пали свеќи и положува цвеќе на местото каде што минатата недела беше извршено свирепо убиство, не со намера, но со свирепа неодговорност на убиецот и дефинитивна вина на институциите на системот. Не, драго мое збунето, стутулено граѓанство.
На Фросина, ако гледа некаде од небото, не ѝ требаат нашите солзи, цвеќето, свеќите, туку нашата граѓанска будност, заинтересираност, бурна реакција на сѐ што не чини, за да не се случи набргу таму горе да си замине некоја друга Фросина (скраја да е).
Солзите наши нема да ја исперат нашата одговорност како граѓани. Себичната комоција на секој од нас, кои, кога сме сведоци на нечие дивеење во сообраќајот, обично знаеме само да извикаме: „Види го овој будала што прави!“ или да исфрлиме дел од арсеналот сочни пцости и клетви! Толку.
Нема сега да губиме време да го запишуваме регистарскиот број на табличките, а уште помалку време да се јавуваме во полиција и да пријавиме. Ама, во земја каде што граѓанската будност и активизам се поистоветува со „кодошлак“, кој, нели, е вграден во нашата национална доктрина, секој се повлекува убедувајќи се дека тоа не е негова работа, „што ќе се мешам.“
„ЖАЛИ-БОЖЕ“
Не знам од каде тргнал и колку време Васил по градов возел со 130 км на час, ама ако имало некој што го видел лудачкото возење, па да се смешал, да се јавел во полиција, па полицијата да реагирала, можеби ќе се избегнела таа трагедија.
Додуша, нашава полиција е „жали боже“. И да се јави граѓанин во станица за нешто итно, полицијата си има ред: полека, смирено… Прво почнува со пополнување на пријавата, име и презиме, па од каде се јавувате, па додека да разбере што пријавувате – отиде возот. Додуша и самите полицајци се жалат: „Ние не сме полицајци, туку писари“.
Ајде. Има уште многу да се кажува. Да не ги поткачувам сега и судството и обвинителството. Тие допрва ќе анализираат – му биле потребни денови на Судскиот совет за да може да оцени дали има одговорност кај судијката затоа што благо го казнила сега веќе прочуениот Васил за дело што претходно го направил.
Сѐ на сѐ, во државава владее една широко распространета конфузија и беспримерна бавност. Добро, бавноста можеби е неопходна компонента во процесот на корупција. Коруптивната зделка треба добро да се обмисли, да се одработи, да се договори – нема брзање. За сето тоа, драги мои, треба време, нели?