Од вчера во јавноста масовно се потпишува и споделува петиција со која се бара јавните служби да се посветат сериозно на спроведување на законите, кога се во прашање животните и нивната благосостојба. Петицијата е иницирана по веста за угинувањето на кучето Феликс, кое крвнички беше претепано од страна на скопјанецот Љ.К. на 19-ти ноември, а кое пред два дена ја изгуби битката за живот во ЈП „Лајка“.
Видео снимка од изживувањето над Феликс беше објавена на социјалните мрежи, па така граѓаните дознаа за настанот.
Како што е наведено во петицијата, граѓаните заедно можат да ја добијат војната против заспаните институции, и конечно да се започне со изрекување на казни одредени според закон, за сите кои измачуваат и убиваат животни.
-Сите ние сме гневни, но клетвите и пцостите не се доволни. Затоа, ја креираме оваа петиција за да покажеме колку граѓани и граѓанки на нашата убава Македонија сакаат:
-МВР (Министерство за внатрешни работи) да поднесе кривична пријава со сите релевантни доказни материјали против Љ.К. и сите сеирџии што гледале отстрана.
-Јавното обвинителство да отвори предмет против Љ. К. (и сеирџиите) согласно член 233 од Кривичниот Законик (КЗ).
-Основниот Суд да си ја сфати работата сериозно и за промена да им изрече казна затвор, како што е и предвидено во член 233 од КЗ.
-Собранието да подготви и реализира јавна расправа на тема применувањето на законите кога се во прашање животните, посебно во поглед на измачувањето, напуштањето и труењето на животните кое што почна да се случува секојдневно. Мораме да имаме чиста слика, статистика и преглед кои институции и на кој начин затајуваат- се барањата истакнати во петицијата.
Исто така, граѓанските активисти кои стојат зад петицијата потсетуваат на бројни случаи кога јавноста сведочела за суровост над животните, а случаите поминале неказнето, или пак со благи, условни казни за сторителите.
– Феликс не е единственото куче. Тука е и: Кучето од Тетово што беше фрлено од седми спрат, кучето во Дебар Маало во Скопје кое беше заклано со секира сред бел ден, кучето што беше влечено со кола во Виница, а и она во Струмица, кучето што беше исфрлено болно покрај контејнер на минусни температури, кучето што беше врзано во напуштен објект да угине, илјадниците кучиња кои се отруени секојдневно, како и оние коишто се напуштени на улиците и полињата.
Бараме да се стегнете и да се фатите за работа, оти ваша работа како јавни службеници е да го сработете она што законите го предвидуваат, порачуваат активистите.
По повод случката со Феликс, кој ѕверски беше удиран со шипка, од МВР информираат дека СВР Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава со КУ број 7367 против Љ.К.(61), Б.Б.(64) и З.Д.(74) од Скопје.
Кривичната е поднесена за кривичното дело „мачење животни“, за кое се предвидени казни до шест месеци затвор.
Вики Клинчарова