Граѓаните со истечена лична карта и без пасош нема да можат да гласаат – се бара решение

by fokus

На вчерашната владина седница ги задолживме економските ресори да се изнајдат начини за да се стави целосно во функција животот на граѓаните на кои им е истечена личната карта или вадат лична карта по првпат. Верувам дека ќе најдеме решенија во најбрз можен рок и јавно ќе ги соопштиме, порача денеска премиерот Зоран Заев откако со неносењето на Законот за лични карти во Собрание, десетици илјади граѓани не можат да извадат или да ги обноват истечените лични карти.

-Законот за лични карти е блокиран затоа што последните измени, кои беа на предлог на БЕСА со одложено дејство до 2023 година, се блокирани од Левица. Ние сме демократија и еве партија со два пратеника може да ги блокира процесите заради тоа што законите и Деловникот на Собранието тоа го дозволуваат. Овие денови сме принудени да бараме решение за сите оние граѓани апликанти за нова лична карта заради истечена или за првпат добивање лична карта или слично. Бројката е околу 40.000, рече Заев.

За еден дел од нив се бара решение како тие да гласаат на претстојните локални избори.

-Ако имаат пасош ќе гласаат со пасошот како друг дозволен документ за идентификација на изборите, но ако немаат пасош, а немаат валидна лична карта бидејќи истечената, не важи не можат да гласаат. За ова решение бара Министерството заедно со Државната изборна комисија, прецизира Заев.

Уште посложен проблем, како што кажа, е што овие граѓани најчесто мора да имаат валиден документ – лична карта за да примат пензија, социјална помош и да ја остварат било која трансакција.

Граѓаните кои останаа без лични карти веќе со месеци се жалат дека ливчињата кои им ги дава МВР како потврда дека вадењето на лична карта е во процедура, не им го признаваат во банките. Поплаките кај Народниот правобранител се зголемуваат, а институцијата веќе неколку пати апелираше да се најде решение за проблемот.

Поврзани новости