Фондот за осигурување на депозити ги избра Стопанска банка, НЛБ банка, Халкбанк и Комерцијална банка да бидат банки-исплатувачи на обесштетувањето на осигурените депозити од Еуростандард, банка на којашто и беше одземена дозволата за работа.
„Во услови на ширење на пандемијата на КОВИД-19, Фондот за осигурување на депозити покрај својата основна задача за исплата на осигурените депозити на депонентите – физички лица, има потреба и дополнително да придонесе кон заштита на граѓаните. Оттука, се донесе Одлука дека исплатата на обесштетувањето на депонентите – физички лица (резиденти и нерезиденти) на ‘Еуростандард банка’ АД Скопје во стечај, ќе се врши преку 4 (четири) банки со цел да се избегнат масовни собири“, се вели во соопштението од Фондот за осигурување на депозити.
Од Фондот велат и дека навремено ќе ги известат депонентите и јавноста за датумот на почетокот на исплатата на обесштетувањето на осигурените депозити кај банките-исплатувачи.