Граѓани на социјалните мрежи се жалат дека се соочуваат со големи гужви при вадењето на лични документи кај зградата на МТВ, каде се вадат лични карти, пасоши, возачки…
-Пред МВР еден куп луѓе! Сите со закажани термини! А во МВР НИКОГО… Ширум отворени врати, а внатре НИКОГО!!!
Нормални ли сте? Влечам жена од 82 години која едвај стои… а тука никого!
Првиот термин ни беше во април во време на полициски час за над 67, а кога им посочив ми рекоа – снајди се!, пишуваат револтирани граѓани.
Од Министерството за внатрешни работи, пак, во одговорот за Фокус, потврдуваат дека во одредени периоди од денот се јавуваат гужви, со што се пореметува и закажаниот термин, но сето ова велат е последица на моменталната вонредна состојба.
-Во одредени периоди од денот се јавуваат гужви при што се пореметува и закажаниот термин. Но би сакале да истакнеме дека, треба да се има во предвид дека се прифаќаат и граѓани кои од оправдани причини го пропуштиле закажаниот термин, но сето тоа е резултат на моменталната вонредна состојба. Воедно се воспоставува безбедносниот ред согласно препораките. Но, ја земаме во предвид вашата реакција со цел и во иднина максимално да се излезе во пресрет на сите граѓани во осварување на нивните потреби поврзани со вадење на лични документи како и надминување на негативните состојби, велат од МВР.