Професорката и пратеничка Гордана Силјановска-Давкова потврди дека е кандидат за претседателка на државата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Рече дека нема да биде републикански монарх, туку ќе се однесува кон граѓаните како кон луѓе, како кон индивидуи, припадници на различни заедници. Ако стане претседателка, рече дека нејзините кандидати ќе бидат најдобрите во Уставниот суд и во Судскиот совет, а амбасадорите ќе се регрутираат врз основа на компетентност и стручност.
Изрази благодарност што во рекорден рок нејзините колеги и колешки без нејзинот знаење ги собрале потребните 30 потписи.
Кандидатурата на Силјановска-Давкова допрва треба да се најде на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, по што треба да се достави до ДИК.
„Сакам jавно да изразам благодарност до сите свои колеги и колешки кои ме уверуваа дека сум добро решение за кандидатка за претседателка и во рекорден рок ги собраа потребните 30 потписи без да знам, порача кандидатката за претседател од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.
Таа додаде дека за една професорка по демократија, ова е драгоцено искуство. Се кандидира од објективни и субјективни причини. Тешко носи одлуки, но потоа стои зад нив, додаде Силјановска.
„Да се кандидирам, ме инспирира состојбата во која се наоѓаме, мене многу ме боли што другите држави повеќе нѐ ценат одошто ние самите. Во агонија се самите граѓани и време е за женска димензија во политиката, време е за консенсуз. Она што мене сите овие четири години ме инспирира е дека ако не се почитуваме себеси, не може да очекуваме почит од никого“, рече Силјановска-Давкова.
Како што додаде, во земјата забележала дека она што го предава – не функционира.
„Јас нема да се однесувам како републикански монарх, ветувам дека моите кандидати ќе бидат најдобрите во Судскиот совет и не треба да се зачудите ако ме видите на протест со маргинализирани групи. Треба во Македонија навистина да дојде времето на жените, ќе ги почитувам различностите, видовме кога на клучни функции има жени, тогаш се можни промени. Без владеење на правото, без радикални промени, нема да исчекориме напред. Крајно време е да почнеме да спроведуваме механизми на граѓанска држава“, заврши Силјановска-Давкова.