Германскиот интернационален синџир на маркети ,,Лидл” ќе инвестира 300 милиони евра во Македонија, и планирано е да отвори маркети во осум градови во земјава. Веста пред десеттина дена ја потврди и премиерот Зоран Заев, појаснувајќи дека ,,Лидл” ќе има обврска да откупува македонски производи и да ги продава во регионот. Од компанијата веќе објавија огласи во кои се бараат работници за повеќе работни позиции.
И додека граѓаните кои веќе имале можност да пазарат во маркетите на ,,Лидл” кои ги има во регионот, односно во Грција, Бугарија и Србија, се радуваат на доаѓањето на познатиот синџир на супермаркети и кај нас, сопственици на локални маркети стравуваат за својата егзистенција.
Иако се уште не е потврдено во кои градови ќе се отворат маркетите, (покрај Скопје се спомнуваат и Велес, Охрид и Штип), очигледна е загриженоста на тамошните сопственици на помали маркети, дека ќе им опадне прометот и ,,Лидл” ќе им ги ,,земе” редовните купувачи.
-Кога во нашата општина се отворија Кам и Стокомак маркети, веднаш се забележа опаѓање на дневниот промет. Разбирливо е тоа, луѓето сакаат да купуваат квалитетна роба за помалку пари. Но, кога отворање на овие два маркети допринесе да се почувствува намалувањето на прометот во нашиот локален маркет, кој знае што би значело доаѓањето на еден бренд како ,,Лидл”. Сопствениците со право ни се загрижени – вели продавачка во маркет во внатрешноста, каде се шпекулира за можно отворање на ,,Лидл” супермаркет.
Освен што на некој начин им презеле голем дел од редовните купувачи, поголемите супермаркети на локалците им презеле и дел од вработените.
Продавачки и касиерки кои од помал локален маркет, каде стекнале долгогодишно искуство, заминале да работат во поголемите маркети кои во последните години се раширија речиси низ сите општини, велат дека повисоките плати биле пресудни за промената на работното место.
-Чувство на поголема сигурност кога е работното место во прашање, бидејќи сепак се работи за поголеми брендови, повисока плата, точно утврдено работно време. Тоа беа главните причини од мал, локален маркет да заминам во еден од поголемите и познати синџири на маркети, веднаш по отворањето во нашата општина. Ако ,,Лидл” нуди повисока плата од таа која денес ја добивам, без двоумење ќе аплицирам за работно место. Па, сите работиме за пари, а не за поголем профит на сопственикот на фирмата – вели продавачка со која разговаравме.
Вчера велешкиот градоначалник Аце Коцевски информираше дека одржал средба со Рубријан Хаџиев, раководител, и Георги Асенов, одговорен за проширување на продажната мрежа на компанијата ,,Лидл” во земјава. Тој посочи дека разговарале за можноста и интересот за отворање на продавница на ,,Лидл” во Велес.
Граѓаните веста ја дочекаа со позитивни коментари, не криејќи го задоволството од можноста и нивниот град да добие ,,Лидл” маркет. Велат дека акциите кои ги нудат овие маркети се доста примамливи за народот, но и дека од професионалноста со која се работи таму, можат да учат и локалните маркети.
-Широка палета на производи, прифатливи цени, без застој на каса, како што знае да се случи кај нас, тоа е она на кое помислуваме кога е ,,Лидл” во прашање. Позитивно е тоа што обично овие маркети се лоцирани во периферијата на градовите, имаат простран паркинг простор, има ред каде се врши дотур на роба.
За жал, во многу локални маркети тоа не е случај, ,,никнуваат” продавници насекаде, без да имаат обезбедено соодветен паркинг простор, на сред тротоари се случува да се паркираат тешки возила и да растовараат роба. Од ,,Лидл” ќе има што да научат и нашите маркети – велат велешани.
Според медиумите во регионот, односно во Хрватска, ,,Лидл” остварува највисоки приходи и има отворено над сто маркети. Во Србија пак, веќе има 50 маркети, и компанијата остварила цврсти партнерства со голем број на домашни производители.
Вики Клинчарова