Благодарение на хрватските власти македонските граѓани дознаа дека производител на зелка од земјава користел опасен и забранет пестицид Имидаклоприд, хемикалија забранета во Европската Унија, но и во земјава.
Веста се прошири во Македонија, откако пред неколку дена хрватските медиуми објавија дека пратка со зелка е вратена во Македонија, бидејќи тамошните власти откриле висока концентрација на забранетиот Имидаклоприд.
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) добила известување дека пратката со зелка била уништена на граничниот премин во Хрватска на 17-ти јануари годинава, а причина за уништување е присуство на инсектицидот Имидаклоприд. Истот е забранет во земјава и очигледно бил набавен на црниот пазар, но јавноста се уште нема информација кој е производителот, и дали евентуално од контамираната зелка има и на нашите пазари.
Според АХВ, Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ) требало да го утврди извозникот и да го најде производителот на зелката.
Откако истиот ќе бил утврден, ќе му била изречена соодветна прекршочна мерка, ДИЗ за мерките ќе ја информирал АХВ, а потоа АХВ ќе ја информирала јавноста.
И додека граѓаните чекаат официјални информации за контамираната зелка, локални продавачи на зеленчук и овошје за ,,Фокус” потврдуваат дека деновиве, откако се прошири веста, ретко кој купува зелка.
-Цената и беше 80 денари, еве сега дојде и на 50 денари, ама народот се плаши и ја избегнува. Нема да не чуди ако цената продолжи да паѓа, што е сосема разбирливо. Довербата лесно се губи, затоа и ни стојат залихите на зелка овој период, велат продавачите.
Изминативе месеци пак, имаше бурни реакции во јавноста поради цените на зелката. На поплаките дека и зелката станува луксуз, производителите одговараа дека им е тешко да ја одгледуваат, посебно под фолии во зимски период, бидејќи со часови требало да се расчистува снегот, кој ги покривал најлонските фолии. Токму поради напорната работа, сметале дека цената на зелката е соодветна.
Околу опасната хемикалија пронајдена во зелката пак, според научните студии базирани на тестови врз животни, Имидаклопридот делувал штетно врз срцето, бубрезите, тироидната жлезда и мозокот и можел да предизвика невролошки симптоми, вклучително и респираторна инсуфициенција и смрт.
-Токсичноста на Имидаклоприд се зголемува со периодот на изложеност, како и со дозата, што е опишана како „временска кумулативна токсичност“, и тоа не треба да се разбере само од аспект на акутната смртност, туку треба да биде и хроничен аспект, објавија хрватските медиуми.
Вики Клинчарова