Јавниот увид на Избирачкиот список за локалните изборите почнува денеска и ќе трае до 9 септември. Државната изборна комисија (ДИК) од денеска на увид ја става новата состојба на податоци на Избирачкиот список, што ќе се користи на денот на изборите.
Граѓаните своите податоци во Избирачкиот список можат да ги проверат преку веб-страната на ДИК – www.sec.mk или на https://izbirackispisok.gov.mk/, или во нивните канцеларии и подрачни единици.
До 9 септември граѓаните барањето за запишување, бришење или дополнување во Избирачкиот список треба да го достават писмено до подрачните единици или канцеларии на ДИК или електронски да се обратат до Комисијата и притоа да достават соодветни докази.
Рокот за заклучување на Избирачкиот список со сите промени, како од граѓаните така и од политичките партии е 24 септември, додека Избирачкиот список финално треба да биде потпишан до 1 октомври.
Од 16 август, кога започна собирањето потписи за независни листи до вчера се собрани потписи за четири независни кандидатски листи, а рокот истекува на 30 август во 24 часот. Подрачните одделенија и канцеларии на ДИК работат секој ден од 8 до 20 часот. На 27, 28 и 29 август ќе работат до 21 часот, а на 30 август до 24 часот.
ДИК ги интензивира подготовките за изборите, а на последната седница се донесени неколку нови упатства за изборите и програми за едукација. На 25 август се очекува да пристигнат првите 250 апарати за вчитување на отисоци од прсти и системот што ќе се употребуваат првпат на овие локални избори во Северна Македонија.
Во меѓувреме, партиите постепено ги објавуваат кандидатите за градоначалници и носители на советничките листи. Владејачката СДСМ и коалицијата најавија дека најдоцна до 24 август (вторник) ќе објават дел од кандидатите за градоначалници.
ВМРО-ДПМНЕ ги објави имињата на уште 19 кандидати за градоначалници, меѓу другото, за Куманово каде партијата ќе ја претставува актерот Тони Михајловски, за скопската општина Ѓорче Петров доктор Александар Стојковски, за Бутел Дарко Костовски, за општина Македонски Брод е Жарко Ристески, за Свети Николе е Дејан Владев…
ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците и Алтернатива исто така најавија соработка на локалните избори.
ЛДП и ДОМ за прв кандидат за градоначалник го најавија бизнисменот Виктор Петков. Кандидатските листи за локалните избори треба да бидат поднесени до Општинските изборни комисии најдоцна до 11 септември на полноќ, а треба да бидат потврдени најдоцна до 18 септември од ОИК и огласени.
Иборната кампања за првиот круг започнува на 27 септември на полноќ и завршува на 15 октомври на полноќ.
Изборите, што повторно ќе се одржат со протоколи за заштита од ширење на Ковид-19, се закажани за 17 октомври. Вториот круг од изборите треба да се одрже 30 октомври.