Пишува: Бојан МАРИЧИЌ
Во изминативе 10 години под актуелната власт политичката култура во Македонија значително се влоши. Собранието на Македонија ја изгуби функцијата на демократска арена за политичка борба и центар на политичките интеракции меѓу партиите. Наместо него таа улога ја имаше клубот на пратеници со лидерските средби на лидерите на четирите најголеми партии (ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА). Тој формат на лидерски средби и работни групи под посредништво на меѓународната заедница беше преземен како инструмент за решавање на најновата и најинтензивната политичката криза во Македонија од 2001 година, која настана по објавувањето на прислушкуваните разговори од опозицијата, односно од активирањето на политичките „бомби“.
Изминатите 18 месеци кои ја опфатија интензивната фаза од долгорочната политичка криза во Македонија ги покажаа на виделина сите недостатоци на затвореното преговарање со засилено меѓународно посредништво, иако треба да се честита и за постигнатите резултати. Преговорите од Пржино имаа за цел да донесат делумно демонтирање на партискиот режим на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кој беше изложен во објавените „бомби“.
Таквата делумна демонтажа преку преодна влада со претставници од опозицијата и сериозни реформи во областите изборен систем, медиуми и одвојување на државата и партијата требаше да биде патоказ за фер, демократски и слободни избори признаени од сите учесници. Од друга страна Специјалното јавно обвинителство (СЈО) има за цел да овозможи правна разрешница на аферата со прислушкуваните разговори, но и на сите случаи кои произлегуваат од тие разговори. Работата на преодната влада извади на виделина многу информации и факти во јавноста за сите манипулации кои се случуваат во институциите. Сепак оваа преодна, пржинска влада не дојде до моментот да организира фер и демократски избори, за што првично беше назначена. Досегашната работа на СЈО им даде надеж на граѓаните дека политичарите во Македонија ќе сносат одговорност за своите грешки и дека Македонија нема да биде банана држава со партиско-полициски режим туку демократска и европска држава во која владее правото и правдата.
Главните недостатоци на овој преговарачки формат се: целосна нетранспарентност и тајновитост од пошироката јавност која граѓаните ги става во положба да имаат непријатен впечаток дека за најважните прашања и за нивната судбина се одлучува некаде далеку без нивно присуство и големо влијание; амбиент на одлучување каде се прават низа компромиси меѓу политичките партии од кои подоцна власта најчесто се откажува или не ги исполнува, а за тоа нема соодветна одговорност ниту јавен надзор; недостаток на граѓански, поточно партиски неоптоварен, фактор кој ќе нуди стручни предлози како можни компромисни и исправни решенија за прашањата за кои партиите не можат да постигнат согласност.
Граѓанско место на преговорите, како набљудувачи и советодавци
Од претходно наведените причини потребно е да се надгради досегашната преговарачка рамка на четирите најголеми политички партии и меѓународната заедница со нов играч на масата- претставници на граѓанското општество. Овие граѓански претставници не претставуваат петто столче во преговорите еднакво на четирите партии, затоа што таква улога би значела еднакво споделување на одговорноста при склучувањето и спроведувањето на евентуален нов договор, за што граѓанското општество нема можности без пратеници во Собранието и министри во Владата. Но, затоа граѓанските претставници можат да направат стручна проценка на состјобите во определена област, можат да нудат решенија за тоа како ефикасно да се прочисти избирачкиот список или како да се одвои државата од партијата на краток рок. Исто така, граѓанските организации, групи и поединци можат да вршат целосен мониторинг врз спроведувањето на она што е договорено од политичките лидери и да даваат објективни оценки кој од актерите доцни во спроведувањето, кој е конструктивен, а кој врши опструкции.
Од ваквата улога на граѓанско место во преговорите има повеќекратни придобивки. Најпрво, ќе се зголеми транспарентноста на преговарачкиот процес, а граѓаните ќе имаат директен канал за дознавање на детали од процесот, но и можност да упатат барања, пораки идеи од политичките лидери. Понатаму, граѓанската доверба во тој процес ќе се зголеми а партиите ќе добијат надзор, но и помош со стручни предлози и идеи за решенија. Конечно, јавниот интерес ќе биде позаштитен доколку постои ваква иновација во преговорите.
Граѓанските организации и стручњаците имаат што да понудат во преговорите
Дека граѓанските организации имаат капацитет да дадат нов квалитет на преговорите најдобро докажува неодамна објавениот „Предлог за итни демократски реформи“. Група граѓански организации и експерти кои го подготвија Предлогот за итни демократски реформи имаат цел да ги вратат демократските стандарди и вредности во Македонија, враќајќи ја така и довербата на граѓаните во клучните државни институции. Главната цел на документот е да предложи мерки за спроведување итни реформи кои ќе создадат услови за слободни, фер и кредибилни избори.
Во овој Предлог, граѓански организации со стручна тежина и долгогодишно искуство предложија итни мерки кои треба да се спроведат во наредните три месеци во следните клучни области: Јавни финансии и економија, правосудство, борба против корупцијата, избори и изборен систем, медиуми, јавна администрација, контрола врз полицијата и безбедносните служби, Собрание, граѓанско општество, социјална заштита, образование и млади и животна средина. Овие предложени мерки не се конечна и исцрпна листа туку концизен жив документ кој одредува патоказ за итни реформи и ќе даде можност сите актери да го поддржат, кометираат и надоградат.
На крајот, вклучувањето на граѓанското општество во преговорите и прифаќање на предлог-реформите не е гаранција сама по себе дека овој процес на преговори и спроведување на договореното ќе биде беспрекорно успешен. Но, ова е подадена рака од граѓанското општество која партиите и меѓународната заедница треба да ја прифатат и дефинитивно ќе биде нова политичка практика која ќе внесе свежина во политичката култура и ќе создаде нова вредност за сите идни важни одлуки кои ќе се носат во институциите но и надвор од нив.