За вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николовски, заемот од Унгарија во висина од 500 милиони евра е со најдобрите услови кои можат да се добијат и им порача на граѓаните да размислат кој може вакви услови да добие од било која деловна банка.
Во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија, тој појаснува дека за позајмицата во износ од 500 милиони евра имаме три години грејс период, а вкупен рок за отплата се 15 години и камата само 3.25 проценти, што, според него, е историски најниска камата.
– Нека размислат дали било кој може да добие вакви услови во било која банка кога ќе појде стан да купувате. Под 5% нема камата и тоа треба јако да се потрудите, ај да не велам дека треба пријатели да имате во банката. Позајмицата е во износ од 500 милиони евра и тоа е голема сума, имаме три години грејс период што значи во тие 3 години не враќаме ништо. Вкупен рок за отплата се 15 години и каматата е само 3.25%, што е историски најниска камата. СДСМ земаше и ги враќаше за пет години, рече Николоски во емисијата.
Сепак, нашите деловни банки даваат станбени кредити со пониска каматна стапка од 5%, односно од 3 до 4 отсто фиксна во првите пет или десет години во зависност од желбата на клиентот.
– Зошто ни се потребни овие средства? Овие средства ни се прво за да го поддржиме стопанството. Под исти услови под кои што ги земаме овие средства ќе ги пласираме во стопанството. Тоа е за првите 250 милиони евра, а додека пак другите 250 милиони евра ќе ги користиме за општините за да ги развиеме општините. Постигнат е одличен договор и Унгарија покажа дека е еден од најдобрите пријатели на Македонија. Виктор Орбан покажува една прекрасна визија за Македонија. Интерес на Унгарија е единствено стабилна Македонија, развиена Македонија. Нивниот интерес е Македонија да стане членка на ЕУ, истакна Николоски.
Вчера вакедонскиот премиер Христијан Мицкоски во Вашингтон, САД, со премиерот на Унгарија Виктор Орбан договорија специјална економска соработка според која унгарската Влада ќе и позајми на македонската Влада сума од 500 милиони со камата од 3,25 проценти, три години грејс период и 12 години рок на отплата, што е вкупно 15 години.
Ова е само половина од тоа што го вети македонскиот премиер Христијан Мицкоски ден по победата на изборите на 10 мај.
Мицкоски гостувајќи во „Само интервју“ на „Канал 5“ ја најави амбициозната агенда во економијата со сериозна странска инвестиција во енергетиката, односно парк со ветерници крај Радовиш , влез на две странски компании во слободните економски зони и финансиски пакет во соработка влада со влада во вредност од една милијарда евра.
– Можам да најавам еден финансиски пакет во соработка влада со влада во вредност од 1 милијарда евра, со исклучително поволни услови. Со добар грејс период со исклучително атрактивна каматна стапка, рече Мицкоски потврдувајќи дека станува збор за кредит од друга држава, но не откри други детали.
Ваквата најава дојде веднаш по убедливата победа на парламентарните и на претседателските избори. Презадолжувањето на земјата беше еден од клучните аргументи на ВМРО-ДПМНЕ во изборната кампања дека власта на СДСМ и на ДУИ водела лоши економски политики.
Милијардата што ја најави Мицкоски беше дел од амбициозната програма на партијата, а која се состои од 1.198 проекти и мерки кои ги вети ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на изборите.
„Фокус“ пишуваше неодамна дека финасискиот пакет кој ќе го потпишат владите на Унгарија и на Македонија најверојатно ќе се реализира преку тамошната државна „Ексим Банк“ која и претходно обезбедувала кредити на земји во развој, но според унгарските медиуми нема силно портофолио за обезбедување на толку високи суми.
Експорт-импорт „Ексим Банк“ има искуство со кредитирање на земји надвор од Европската унија. Во 2021 година истата банка ја поддржала владата на Република Српска предводена од Милорад Додик со 116 милиони евра, а поддржувала земји како Иран, Лаос и Египет.
Орце Костов