Животниот стандард, ниските плати и пензии, криминалот и корупцијата, како и зголемувањето на цените и инфлацијата, се првите три најголеми проблеми со кои се соочуваат граѓаните во земјава.
Ова го покажуваат резултати од истражувањето на јавното мислење на Националниот демократски институт „Северна Македонија: Перцепција на граѓаните за општата состојба, економските политики и заштитата на потрошувачите“, кое беше објавено денес.
На прашањето кој е првиот најважен проблем со кој се соочува земјара, 27,2 проценти рекле дека тоа е животниот стандард, ниските плати и пензиите, за 22,9 проценти тоа се криминалот и корупцијата, а за 13,3 проценти зголемување на цените и инфлацијата.
Следни на листата најголеми проблеми за државата се невработеноста (8,4 проценти), интеграција во ЕУ, отвореното прашање со Бугарија (6,7 проценти), владеење на правото и демократијата (5,9 проценти), иселувањето (5,4 проценти), судството (4,6 проценти), здравството (два процента)…
Човековите права и слободи, енергетската криза, образованието, безбедноста и стабилноста, меѓуетничките односи, и загадувањето, пак, се причина за загриженост на помалку од еден процент од испитаниците.
Според 58,2 процента од испитаниците што биле прашани кои се најважните проблеми, одговорот е животниот стандард, ниските плати и пензии, по што следуваат криминалот и корупцијата (48,8 проценти), зголемувањето на цените и инфлацијата (48 проценти), иселувањето (25,3 проценти), невработеноста (23,5 проценти)…
На прашањето „Доколку утре се одржуваат парламентарни избори, колку е веројатно дека ќе излезете да гласате?“ одговор дека би гласале дале 71 процент од испитаниците, дека не би гласале 23 отсто. Со одговор „дефинитивно ќе гласам“ се 32,6 проценти, најверојатно ќе гласам 38,5 проценти, веројатно нема да гласам 10,4 проценти, „дефинитивно нема да гласам“ 12,9 проценти, „не знае“ пет проценти, а одбиле да одговорат 0,7 проценти.
Според истражувањето, доколку утре се одржат парламентарни избори, 21,5 проценти ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, 13,9 проценти за СДСМ, 6,2 проценти за ДУИ, 3,6 проценти за БЕСА, 3,4 проценти за Алијанса за Албанците, 2,9 проценти за Левица, 1,7 проценти за Движењето на Максим Димитриевски, за други 1,1 процент. за 2,2 проценти опција во таков случај е неважечко ливче, 16, 7 проценти рекле дека нема да гласаат, 8,5 проценти одбиле да одговорат, а 18, 3 проценти дале одговор „не знам, сѐ уште немам одлучено“.
Истражувањето на Националниот демократски институт е спроведено од 13 до 24 април годинава на примерок од 1003 испитаници на возраст од над 18 години, со метод лице-в-лице и маргина на грешка +/-3,09 процентни поени.
Истражувањето на јавното мислење е реализирано од ТИМ Институт и финансирано од Националната фондација за демократија. Наодите од истражувањето не ги одразуваат ставовите на НДИ и Националната фондација за демократија.