Граѓаните ќе може да побараат да се поништи издаденото одобрение за градба на висококатниците кај Холидеј Ин откако правниот тим на граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ изготви претставка која може електронски да се поднесува со инспекторатите.
– Граѓаните масовно да ја поднесуваат претставката до соодветните инспекторати бидејќи сметаме дека единствено заедно можеме да извршиме силен притисок врз институциите и тие конечно да прекинат да работат против законот за нечии туѓи интереси, спротивно на интересите на скопјани. Значи тоа одобрение кое е издадено е издадено на Детален урбанистички план кој е спротивен на Генералниот урбанистички план, а тоа според Законот за урбанистичко планирање е незаконски и тоа е основа за одземање, поништување на тоа одобрение и за укинување на одлуката со која се применува тој Детален урбанистички план, рече Драгана Велковска од граѓанската иницијатива која е и советник во Град Скопје.
Претставката ќе биде поднесена до инспекцискиот совет, до државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и до државниот инспекторат за локална самоуправа бидејќи тие се оние кои имаат ингеренции за ова прашање.
Инспекторатите, според Велковска, имаат можност да ја укинат одлуката со која се применува Деталниот урбанистички план и имаат моќ да го поништат одобрението за градба бидејќи е незаконски издадено.
Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција прибира докази за постапката како бил изгласан Деталниот урбанистички план спроти Холидеј ин и за продажбата на земјиштето каде сега ќе се градат висококатници. Постапка за случајот води и Антикорупциската комисија.
Општина Центар веќе ја потпиша градежната дозвола за градба на една од висококатниците иако тврдат дека се обиделе неколку пати да го стопираат ДУП-от.