Граѓаните ќе го казнат СДСМ на претстојните локални избори затоа што лажеа за локацијата спроти хотелот „Холидеј ин“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ која неколку дена реагира во јавноста откако излезе информацијата дека нема пречка да се издаде градежна дозвола и да се гради на атрактивната парцела во строгиот центар на Скопје.
Од опозицијата велат СДСМ и градоначалниците Петре Шилегов и Саша Богдановиќ, најбрутално ги лажеа центарци и скопјани дека ќе ги ревидираат ДУП-овите, дека ќе укинуваат градежни дозволи, воведуваа лажни мораториуми за на крај да не направат ништо.
-Џабе лажење цели 3 години. Затоа ќе бидат казнети на овие избори. И сега кога видоа дека не можат да излезат од сопствените лаги коишто влегоа, веднаш ги ставаат во функција обвинителство, судство и сите останати дека ќе барале криминал. Сето ова само за да ја замаат јавноста и да префрлат одговорност кај институциите. Наспроти тоа, имаа цели 3 години да го направат сето ова коешто го прават, и наспроти тоа единствени виновници за извисувањето на граѓаните и нивните лаги кои ги пласираа се само Шилегов, Богдановиќ и СДСМ, затоа што ги лажеа граѓаните за градбите кај Холидеј Ин, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.