Центарот за климатски промени направи Анализа за навиките за штедење на енергија во домаќинствата во Град Скопје со цел да се види актуелната ситуација првенствено во однос на тоа колкава е видливоста за потрошувачката на енергија во домаќинствата, колкав е степенот на нивната информираност за енергетската потрошувачка, како и подготвеноста да направат промени за подобрување на ЕЕ и користење на ОИЕ.
Со овој проект се понудени Сетови за штедење на енергија во домаќинствата во 16 домаќинства за период од две недели. Притоа, тие имале можност одделно да ја следат и регистрираат потрошувачката на поединечни апарати во домаќинството, ни раскажа за Фокус претседателката на Центар за климатски промени Бојана Станојевска Пецуровска.
Во Македонија има над 700.000 потрошувачи во категоријата домаќинства, кои само во 2021 година потрошиле над 3.300GWh електрична енергија. Речиси една третина од оваа потрошувачка отпаѓа на Скопскиот регион.
Кои граѓани се опфатени во истражувањето за Анализата?
Станојевска Пецуровска: Во анализата беа опфатени граѓаните на подрачјето на општините во Град Скопје, но најголем интерес да одговорат на анкетата имаше кај жителите на општините Аеродром, Карпош, Центар и Кисела Вода. Во однос на возраста, најбројни беа оние во возрасната категорија 31-45 години (58%), а веднаш потоа возрасната категорија 46-65 години со учество од 30%. Значително побројни беа испитаниците од женски пол (63%).
Кој е најголем потрошувач на електрична енергија?
Станојевска Пецуровска: Ако се анализира структурата на финалната потрошувачка на енергија по сектори, податоците до 2019 година покажуваат дека доминира секторот сообраќај со 40%, па веднаш потоа следува резиденцијалниот сектор односно домаќинствата со 25%. Интересно е дека оваа категорија на потрошувачи има поголем удел во финалната потрошувачка од индустријата која учествува со 23%. Ова се должи на фактот што и покрај поединечната релативно ниска потрошувачка, станува збор за голем број на потрошувачи, па кумулативната вредност е значителна. Од друга страна, овој сектор е погоден за инвестиции за подобрување на енергетската ефикасност и користење на ОИЕ, бидејќи станува збор на мали поединечни инвестиции со низок ризик и со релативно краток рок на враќање на инвестицијата.
Според анализата имаме тренд на пораст на потрошувачка на електрична енергија во домаќинствата? На што се должи сето тоа?
Станојевска Пецуровска: Да, за жал ако се анализира потрошувачката на електрична енергија во домаќинствата по жител, забележливо е дека во периодот 2014 – 2020 година, токму во 2020 се забележани највисоките вредности на овој индикатор (1540kWh/жител). Се разбира и промените во однос на квалитетот на живот и стандардот влијаат врз вредностите на овој индикатор, бидејќи скандинавските земји на пример имаат значително повисоки вредности за овој индикатор споредено со просекот на земјите члени на ЕУ.
Но, согласно нашите анализи можеме да заклучиме дека трендот на пораст во голема мера може да се должи на нерационалната потрошувачка на енергија и користењето на електричната енергија за греење во значителна мера.
Од друга страна, граѓаните најчесто не се доволно информирани за придобивките на долг рок од користењето на енергетски ефикасни апарати за домаќинство и најчесто не се подготвени да платат почетна повисока инвестиција за долгорочни пониски оперативни трошоци на име пониска енергетска потрошувачка.
Каква е состојбата во ЕУ?
Станојевска Пецуровска: Согласно податоците од Eurostat, потрошувачката на електрична енергија во секторот домаќинства по жител во ЕУ во 2020 година била 1.596 kWh. Притоа, одделно кај земјите членки опсегот значително варира, односно од вредности под 1.000 kWh во Романија, Полска и Латвија, до потрошувачка од 4.000 kWh во Финска и Шведска. На овие вредности влијае и изборот на енергенс за греење, климатските услови и степенот на економски развој на земјата, односно квалитетот на живот.
Имаме ли политика на заштеда на енергија во државава?
Станојевска Пецуровска: Во 2020 година во Македонија за прв пат е донесен Закон за енергетска ефикасност, но за жал до денес неговата имплементација е крајно незадоволителна. Изостанува донесувањето на подзаконските акти, а енергетски сертификати сеуште имаат мал број објекти. Поседувањето енергетски сертификат односно енергетските карактеристики на објектите незначително влијаат врз утврдувањето на цената на објектите. Сеуште локацијата е таа која го диктира пазарот на недвижности.
Една од главните промени која значително треба да придонесе за вистинско вреднување на објектите според нивната енергетска потрошувачка е заживување во пракса на енергетската контрола, а поседувањето на енергетски сертификат да биде услов за издавање односно продажба на недвижноста. Мерките за поддршка на локално и на централно ниво исто така треба да претрпат измени.
Имено, потребни се подетални анализи за придобивките од применетите мерки и постигнатите резултати. Тоа е вистинската информација која треба да се комуницира со јавноста а не податоците за тоа колку средства се потрошени за субвенции, односно само висината на доделените средства како да е цел сама за себе. Едуцирањето и информирањето на граѓаните е секако неопходно да се подигне на повисоко ниво.
Се соочува ли земјава со таканаречена енергетска сиромаштија споредбено со земјите од Балканот и ЕУ?
Станојевска Пецуровска: Секако, и тоа е сериозен проблем. Енергетската сиромаштија значително влијае врз подготвеноста за инвестирање во енергетски ефикасни мерки, бидејќи енергетски сиромашните граѓани се соочуваат со сериозни проблеми да се справат со тековните трошоци за енергија, па за некакво инвестирање за подобрување на состојбите воопшто не може да стане збор. Имено, Енергетската заедница врз основа на проценка утврдила дека енергетската сиромаштија во Македонија е 33%, односно тоа е процент од вкупниот број на домаќинства кои не можат адекватно да ги затоплуваат своите домови во текот на зимата. Вредноста од 33% е една од повисоките во регионот на Западен Балкан.
За споредба, на ниво на земји членки на ЕУ, просечната вредност на овој индикатор е околу 10%. Во регионот на Западен Балкан, во полоша состојба се Косово и во Албанија, додека Црна Гора и Србија се со пониски вредности на овој индикатор, односно се поблиску до просекот на земјите членки во ЕУ. Во последните години , а како резултат на глобалниот пораст ан температурите како последица на климатските промени, земјите од Медитеранот односно Југоисточна Европа се соочуваат со исто така сериозни проблеми во врска со потребната енергија за ладење во летните месеци. Затоа се наметнува потребата од посериозна анализа и на соодветни индикатори кои ја опишуваат и оваа енергетска потрошувачка и нивно вклучување во анализата на енергетската сиромаштија.
Нашата анкета покажа дека и покрај тоа што огромно мнозинство од испитаниците поседуваат клима уред (94%), сепак речиси 50% од нив го користат клима уредот до 3 часа просечно во текот на денот.
Што е потребно за самосвест кај секој од нас за енергетската потрошувачка?
Станојевска Пецуровска: Најнапред потребно е да ја знаеме потрошувачката на уредите кои ги користиме со цел да можеме да утврдиме колку придонесуваат во сметката за електрична енергија. Откако ќе ја утврдиме потрошувачката на уредите потребно е да сакаме да го промениме начинот на користење на уредот а мотив за тоа освен финансиските заштеди треба да бидат и намаленото загадување на животната средина. Сепак, важно е да се спомене дека во услови на голема енергетска сиромаштија, финансиските мотиви се многу важни за подигнување на свеста и правење промени. Исто така многу е важно и да ги советуваме граѓаните како да ја променат потрошувачката на енергија во домовите, односно како користење на уреди со повисока енергетска класа може да ја намали сметката, но и потрошувачката, понатаму промена на режимот на користење на електричните уреди и многу важно поголема употреба на обновливи извори за греење и снабдување на санитарна топла вода.
Какви се енергетските трошоци во зима и во лето?
Станојевска Пецуровска: Има значителна разлика во трошоците за енергија во лето и во зима кај нашите домаќинства. Имено, согласно анкетата најзастапени се домаќинствата чии месечни сметки во летните месеци се во опсегот од 2.001 до 3000 денари (38%) и во опсегот од 1.201 до 2.000 денари (33%). И покрај тоа што речиси сите поседуваат клима уред, најчесто тој се користи кратко време во текот на денот, односно се прават заштеди на сметка на влошени услови на комфор. Во зима, ваква отстапка односно заштеда не е прифатлива, а потребите од енергија се повисоки што се гледа и од висината на сметките. Имено, 39% од испитаниците имаат месечни сметки во опсегот од 1.201 до 3.000 денари, а 22 % во опсегот од 3.001 до 6.000 денари. Интересен е фактот дека сите испитаници со месечни сметки од над 10.000 денари во зимските месеци, користат електрична енергија за греење. Греењето со електрична енергија со користење на електрични греалки е исклучително неефикасно и скапо. Опцијата со инвертер е енергетски ефикасна, особено доколку вредноста на т.н. COP (Coefficient of Performance) на инвертерот е повисока. Во последните години примената на инвертерите е во пораст, но за жал недоволно се застапени многу други решенија кои нашето поднебје ги нуди – соларен термален систем како поддршка на основниот систем за греење, топлински пумпи чиј извор е почва, подземна вода и сл.
Што би им порачале на граѓаните, компаниите, институциите, политичарите на темава?
Станојевска Пецуровска: Несомнено потребно е поактивно дејствување на сите споменати чинители. Граѓаните и компаниите да бидат поактивни во следењето на трендовите и во примената на мерки кои ќе им донесат енергетски и финансиски заштеди. Институциите треба да бидат поотворени и потранспарентни, но и да работат на идентификување на приоритетни мерки за ЕЕ и ОИЕ со чија имплементација ќе се остварат најголеми придобивки. Притоа, мерките за помош на ранливите потрошувачи подложни на енергетска сиромаштија, како и субвенционирањето на мерки за ЕЕ и ОИЕ не смеат да се користат како инструмент за политичко влијание. И проблемите и потенцијалните решенија мора да се анализираат на долг рок (многу подолго од времетраењето на еден изборен циклус), бидејќи последиците од погрешните политики се далекусежни. Придобивките од донесените одлуки и политики во оваа сфера не смеат да бидат привилегија само на одреден затворен круг, туку да обезбедат помош онаму каде е најпотребна за добробит на целото општество.
Анкетата е спроведена како проектна активност во склоп на проектот за Справување со загадувањето на воздухот во Град Скопје, кој е финансиран од Шведска, а е имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации во партнерство со Министерство за животна средина и просторно планирање и Град Скопје.
Соња Танеска