Општина Тетово немала склучено договр со економски оператор кој ќе биде задолжен за заловување, интервенции и хуман третман на бездомни кучиња, па поради тоа граѓаните кога имале пролем со бездомно животно, барале асистенција од Територијалната противпожарна служба, за ,,Фокус” вели директорот на ТППЕ Тетово, Авни Амети.
Во петокот околу 18.30 часот во Тетово се случи вознемирувачки настан, кој беше снимен од очевидец, кога куче падна од шестиот кат на зграда во изградба. Пред падот, на снимката која се објави на социјалните мрежи, се слушаат гласови, но и болно квичење на кучето. Како што информираа наредниот ден од СВТ Тетово, пред да падне од зградата, кучето кое било бездомно се обидувале да го заловат двајца тетовски пожарникари. Случајот се расчистувал и се документирал, појаснија од таму, додека истовремено јавноста и здруженијата за заштитна на животните бараат одговорност од пожарникарите, обвинувајќи за нехумано постапување со кучето, поради што тоа скокна во смрт од голема висина.
Директорот на ТППЕ Тетово, Амети, раскажува дека пожарникарите отишле да интервенираат во зградата која е во изградба на повик на инвеститорот на истата. Вели дека остава надлежните служби да го расчистат случајот, и доколку се утврди вина на пожарникарите, околу начинот на кој било третирано кучето при заловувањето, тие ќе сносат одговорност според закон.
Сепак, појаснува дека одговорност имаат и сопствениците на објекти во изградба, кои не ги заградиле соодветно, па не само куче, туку и дете можело да влезе внатре.
-Секој објект во изградба треба да биде соодветно ограден, за да не може да влегува внатре било кој. Влегло куче, но можело да влезе и дете! На повикот на инвеститорот, ние се обидовме да помогнеме, ако се утврди вина на пожарникарите, тие ќе сносат одговорност. Да се почека службите да завршат со истрагата, да не се суди предвреме, оти јас уверувам дека ниту еден пожарникар намерно не би го фрлил кучето од шести спрат! – тврди директорот.
Додава дека во противпожарната служба постојано добиваат повици од граѓани, кои бараат помош поради проблеми со животни.
-Се јавуваат и бараат да им помогнеме, бидејќи им влегла змија во куќата! Нема друга служба во градот на која можат да се обратат, па ние мораме да помогнеме. Ни се јавуваат дека не можат да спијат цела ноќ, оти мачка се качила на бандера и постојано мјаука, па ние одиме и ја симнуваме! Во цевка се имаше заглавено мачка, со часови ја вадевме, постојано има вакви повици и моите пожарникари си го ризикуваат животот секојдневно, за да им помогнат на граѓаните. Ете, така се навикнати сите, кога има проблем, се ѕвони во противпожарната, бидејќи нема кој друг да интервенира, вели Амети.
Од Општина Тетово за ,,Фокус” потвруваат дека немаат склучено договор со соодветна фирма која ќе пружи хуман третман околу заловување, интервенции и регистрација на бездомни животни.
Каде да се обратат граѓаните, на кои им е потребна асистенција, и која служба во општината може да пружи соодветна и професионална услуга, со хуман третман на бездомни животни, водејќи сметка за нивната благостостојба, нема информација.
-До неодамна имавме договор за третман на бездомни кучиња со една невладина организација. Договорот се раскина. Се планира отворање на стационар, но треба да провериме точни податоци и ќе ве информираме, во телефонски разговор ни изјави Милена Вучевска од канцеларијата за комуникации и односи со јавноста при Општина Тетово.
До објавата на веста, не добивме повратен одговор.
Вики Клинчарова