Граѓани излегоа денеска на протест пред триумфалната порта каде го изразија своето незадоволство од работата на извршителите. Со потписи на иницијатива тие бараат запирање на присилната наплата, ревизија на работата на извршителите, нотарите и доверителите, како и утврдување на реален и нереален долг.
Велат дека граѓаните се ставени во должничко ропство и дека не можат ниту основните сметки да ги платат, а не па услугите на извршителот. Бараат од премиерот, Зоран Заев, да си остане на зборот кога им ветил решавање на проблемот.
-Апелираме до премиерот и го држиме за збор негово ветување дека ќе најде решение и за овој проблем како што реши други проблеми. Ова е грабеж, граѓаните се ограбени и обесхрабрени. Владата и пратениците ќе мораат да изберат меѓу стотина извршители и сто илјади граѓани. Се надевам дека Владата ќе застане на страна на граѓаните – изјави Марјан Ристески, претседател на Конфедерацијата на синдикални организации во Македонија.
Дел од иницијативата е и граѓанското здружение „Но пасаран“ кое две и пол години протестира против наплатата на паушал за топлинско греење кај оние приклучени на парното на БЕГ. Марјан Ненов, од „Но пасаран“, вели дека извршителите се само една алка во организираниот криминал кој се спроведува против граѓаните.
-Се почнува со некоја компанија која прави виртуелни долгови, па се трупаат овие трошоци преку нивни адвокат и судови за да дојдат до извршителите. Сакаме да го сопреме ова извршување и огромно богатење на извршителите. Имаме многу злоупотреби, случаи каде се сопирани цели плати и пензии, наплата на самохрани мајки, социјални случаи и низа други неправилности – рече Ненов.