Граѓани од Дебар маало обвинуваат: Инвеститорите тријат раце, ние гинеме

by fokus

Загина пешак кој немаше каде да се движи освен на улица, реагираат граѓани од Дебар маало по несреќата утринава каде жена беше прегазена од комбе кое вршело дотур на роба. Од граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар маало“ велат дека со години апелираат до Град Скопје, Општина Центар и до јавното претпријатие ПОЦ, да се среди, како што викаат урбанистичкиот хаос во населбата, да се ослободат тротоарите за безбедно движење на пешаците и да се престане со градби.

„На неколку дена пред почетокот на учебната година се случува ништо да не е решено, Општината е тотално нема и глува на барањата на иницијативата, а она од што најмногу се плашевме се случи денес. Одговори нема, решенија уште помалку, одобренија за градби се издаваат сеуште, инвеститорите ги имаат сите права пред жителите…. до кога? Следната жртва може да е секој од нас, а нема кој да не заштити. Нашите избраници во советот ги НЕМА, градоначалникот е тука само за да се слика и фали, инвеститорите тријат раци, ние гинеме“, велат од иницијативата.

Општина Центар изрази жалење за инцидентот, но ги отфрлаат обвинувањата дека Општината е виновна за несреќниот настан. Велат дека е тенденциозно злоупотребувањето на случајот за да се впери прстот во Општината.

„Општина Центар не е надлежна за издавање на дозволи за дотурот на роба во угостистителските објекти, ниту пак за контрола дали тој се врши согласно прописите и дозволите. Општина Центар стои на располагање за соработка со надлежните институции и поддршка за надминување на проблемот со неконтролираниот дотур кој предизвикува сообраќајни проблеми, особено во тесните улички низ Дебар Маало“, соопшија од таму.

 

Поврзани новости