Здружението на граѓани – Еколошко друштво Еко Чифлик од Демир Капија реагира со отворено писмо до јавноста, со цел да се спречи изградба на хидроцентрала на реката Дошница, со што, според друштвото, ќе се узурпира целокупниот воден тек, а Чифлик и Демир Капија ќе останат без вода. Членовите на здружението предупредуваат дека изградбата на хидроцентралата ќе значи еколошка катастрофа, па почнале да чуваат стража.
„Во последната година водиме исцрпувачка борба за спас на реката Дошница, односно спас за животот на село Чифлик, Демир Капија и целокупниот животен свет во овој предел. Фирмата ЕЛЕКТРО ТЕК ДОО СКОПЈЕ, има намера да изгради хидроцентрала, да го узурпира целокупниот воден тек на потег од рибникот до Демир Капија за да произведе незнатна количина на електрична енергија која ќе ја продава и добива ПАРИ. Таа фирма секојдневно ќе добива ПАРИ, а ние, обичните граѓани секојдневно ќе добиваме се повеќе суша, помал принос од многубројните земјоделски култури, повеќе комарци, повеќе муви, пожешка клима, помалку свеж воздух, а најважно од се Демир Капија и село Чифлик ќе останат без вода за пиење затоа што главните извори за пиење се наоѓаат точно на зафатот на хидроцентралата“, стои во писмото.
Во него уште се наведува дека еколошкото друштво Еко Чифлик заедно со многубројни граѓани-жители на Чифлик, Демир Капија, Неготино и останатите населени места од општината спречиле неколку обиди за нелегално отпочнување на изградба на хидроцентралата.
„Имаме сознание дека сопственикот на оваа фирма е решен со сила да ја одземе реката односно со сила и по секоја цена да ја отпочне изградбата на хидроцентралата. Имаме сознание дека во наредните денови овие лица планираат да дојдат со механизација и да ја отпочнат изградбата. Ние ќе бидеме таму и како и до сега нема да дозволиме да биде пресечено ниту едно дрво, ниту да биде поместен ниту еден камен од своето природно лежиште. Нашата цел за зачувување на оваа природна убавина ќе биде најлесно остварена доколку дојдеме сите на лице место и непокорливо се избориме за нашата Дошница и за сите нејзини благодети“, пишува во писмото.
Од друштвото најавуваат дека во наредните денови ќе има стража на самото место и доколку има сознание за било каква активност ќе бидете информирани за итен собир. Членови на здружението ни потврдија дека чувале стража покрај реката и дека имале и неколку немили случки со луѓето кои што дошле на самото место со механизацијата потребна за отпочнување на изградбата. Тие тврдат дека нема да отстапат од намерата да се спречи изградбата и бараат да се провери законитоста на дозволата за градба. И градоначалникот на Демир Капира Лазар Петров е запознаен со случајот.
-Во разговори со стручни лица од областа на екологијата имаме сознанија дека доколку се изгради хидроцентралата, тоа може да значи еколошка катастрофа, нарушување на флората и фауната, пресушување на бунарите. Се разгледува законитоста на договорот за изградба на хидроцентралата, и јас лично го поддржувам здружението Еко Чифлик во неговите залагања да се сочува природата и да не се нарушува водниот тек – изјави тој за Фокус.
Вики Клинчарова