Градски превоз во Скопје ќе има – Советот ги изгласа субвенциите за ЈСП

by Fokus

Со 25 гласови „за“, Советот на Град Скопје денеска на повторената вонредна седница донесе одлука да се исплатат субвенции на ЈСП „Скопје“.

Скопјани утре ќе можат да ги користат автобусите на градскиот превоз.

Пред гласањето Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата поднесе амандман со кој се предлагаше наместо 485 милиони денари да се дадат субвенции во висина од 185 милони денари заради подобра контрола на работењето на ЈСП Скопје.

За амандамнот се изјаснија 14 советници, тројца беа против, а воздржани немаше поради тоа не беше прифатен. На почетокот на расправата по амандманот градоначалничката Данела Арсовска не го прифати.

Според неа, не е коректен и значи исмевање на сите луѓе кои денеска чекаат пред Градот за да земат плати и со сите скопјани кои денеска измрзнаа поради немањето автобуски превоз.

– Мило ми е што се вративте и се обидувате да ја исправите белјата што ја направивте. Со овој амандман ќе им ги скратите платите на луѓето и за два месеца кога ќе има избори ќе правите нова криза. Со што ќе го контролирате ЈСП со овој амандман. Не ја разбирам потребата да си играте со интелигенцијата на овие луѓе. Да не си играте со нивините судбини пред избори. Не се срамите од ова што го правите. Не можам да разберам што е целта и што е поентата. Скопјани денеска смрзнуваат заради вас. Требаше само да се извините и да ја изгласата одлуката – рече Арсовска.

Ова беше втора вонредна седница на Советот на Град Скопје што е свикана денеска, откако на претходната не беше донесена одлуката за субвенционирање на ЈСП со 11 милиони евра со што ќе се овозможи исплата на декемвриската плата на вработените во ЈСП, кои изутрина од 9 часот прекинаа со работа и нема јавен градски превоз во Скопје.

Одлуката не помина за еден глас, односно не беа доволни 22. гласа „за“ од присутните советници. Триенаесет беа воздражани, а ниту еден против.

Вработените во ЈСП организирани од Синдикатот од претпладнето се пред просториите на град Скопје чекајќи исход за одлуката за субвенционирање.

Синдикатот веќе најави дека без позитивен исход нема да продолжи јавниот градски превоз кој денеска функционираше од 04.30 до 09.00 часот.

Поврзани новости