Градската болница „8 септември“ треба да плати околу 1,5 милиони евра за струја и гас за последните пет месеци, неофицијално дознава „Фокус“ од извори во болницата.
Според нашите информации, од декември до април за струја треба да платат околу 747.000 евра, додека за гас за истиот период сумата е малку пониска, поточно околу 731 илјади евра.
Нашите извори тврдат дека ваквите суми ги збуниле во болницата, но сепак главниот проблем настанува како и на кој начин ќе се платат сметките. Градската болница на годишно ниво располага со буџет од околу 8 милиони евра, а тука влегуваат сите нивни трошоци во однос на набавка на лекови, потрошни материјали, поправки на медицински апарати…
Дополнителен проблем во целата приказна беше и корона кризата, во која старата Воена болница беше еден од главните ковид центри, а со тоа како другите беше изложена на дополнителни трошоци, за кои веќе објавивме. Се користеа респираторите за заразените пациенти, компјутерските томографи, ангиографите…
„Фокус“ се обрати и до болницата, од каде ги потврдија нашите информации, но не ги соопштија сите детали.
Само во последните две години, дури 36. 000 пациенти позитивни или суспектни на ковид 19 се прегледани во трите инфективни амбуланти и во тријажниот центар на ГОБ „8 септември“за време на страшната пандемија. Од нив, дури 7.000 заразени пациенти биле хоспитализирани и лекувани.
Статистиките, кои веќе ги објавивме покажуваат дека само во старата Воена болница се направени 17. 600 биохемиски анализи на ковид пациенти и 21.100 крвни анализи на Трансфузиологија(хемостаза со Д Димери).
Исто така, за целиот овој период додека болницата е ковид центар се направени и 550 коронографии, поставени 320 стентови, 130 инфаркти кај Ковид позитивни пациенти од кои 72 се стентирани и 4 пејсмејкери поставени.
Тоа што е најважно е дека околу 300 пациенти со сатурација под 60 биле тргнати од респиратор за време на пандемијата.
Ирена Мулачка