„Градот убав пак ќе никне…“ И, никна, се разграни, се расцвета… Само до кога? До 2014 година. Годината кога му се смени личниот опис на Скопје, кога дојдоа „диви, избркаа питоми“. Чинам окупаторите во Втората светска војна не го повредија толку, не го изобличија, не го смачкаа Скопје како што тоа со еден „блиц криг“ преку ноќ го направи Груевски со неговата тајфа. А, скопјани заспани!
Пишува: Ана ПАНОВСКА
Кутро мое Скопје.
Денес нема кој да го брани. Нема партизани, нема патриоти, нема млади, кршни момци и девојки како оние од пред 80 години кога на 13 ноември 1944 година, во лапавичавото тмурно, студено утро, премрзнати, полуоблечени, полунајадени, но со силна верба и љубов навлегле од сите страни за да си го ослободат Скопје, главниот град на штотуку формираната држава, Македонија.
Во улични, жестоки препукувања, маало по маало, куќа по куќа, се оттргнувало Скопје од канџите на четиригодишниот нацистичко-фашистички двоец, бугарскиот и германскиот. Слобода!
ТАЖЕН ЈУБИЛЕЈ
А денес, по 80 години, тажен јубилеј за Скопје! Само севишниот му се смилува и го благослови со еден сиромашен дождец за да го исплакне, да го светне пред празникот, да заличи како некогаш.
А, некогаш Скопје беше стокмено баш по еден наш, истенчен, граѓански вкус – вкус со европско-ориентален шмек, каде што старото го пригрнуваше новото, модернистичкото време, создавајќи една романтична хармонија исполнета со радост, топлина и разигран урбан дух и поетичност што го ширеа скопските боеми. Такво беше повоеното Скопје, мојот роден град, во педесеттите години на минатиот век, па сѐ до земјотресот.
Земјотресот изруши сѐ што можеше, урна илјадници домови, но не можеше да ја скрши силната волја на скопјани повторно да го издигнат својот град. Тоа беше град на млади, на разиграни дечиња полни со оптимизам и љубов кои му ја испеаја на Скопје најубавата детска песна: „Градот убав пак ќе никне…“
И, никна, се разграни, се расцвета… Само до кога? До 2014 година. Годината кога му се смени личниот опис на Скопје, кога дојдоа „диви, избркаа питоми“. Чинам окупаторите во Втората светска војна не го повредија толку, не го изобличија, не го смачкаа Скопје како што тоа со еден „блиц криг“ преку ноќ го направи Груевски со неговата тајфа. А, скопјани заспани! Дозволија малограѓанштината, простотилакот и тешката корупција да завладеат со „градот убав“.
13 НОЕМВРИ
Дозволија и натаму да продолжи деструкцијата на градот под палката на ВМРО-ДПМНЕ, чија миленичка Данела, откако ја донесоа на градоначалничката функција, им се оттргна и реши грнето со мед да не го дели со Мицкоски и тајфата.
Болната, нездрава врска меѓу вмровските советници и градоначалничката што Скопје го доведе до оваа катастрофална состојба: најзагаден град во Европа и меѓу четирите најзагадени градови во светот! Машала!
Метропола со мини-депонии во секоја улица, со погнасени тротоари, со разбранувани асфалтни улици, раскопани плочници и расфрлано ѓубре, ѓубре, ѓубре…
А Вардар, пустиот, што ја краси Македонија, го красат разнобојни пластични шишиња врз кои како пеперутки гордо летаат пластичните ќесиња. Убавина!
Е, таква е нашата весела метропола по која се влечкаат доодените валкани автобуси, кловновски преоблечени, налепени со шарени плакати, кои тажно објавуваат дека циркусот е тука, во нашиот град.
Радувајте се скопјани! И бегајте подалеку од зградите. Се ронат фасадите, особено оние од „СК 2014“. Не одете под стари натстрешници и згради набрзина приправени од урбаната мафија. И не плашете се, скопјани!
Замрачувањето на градот не е поради, не дај Боже, некое бомбардирање. Се штеди струја, драги мои! Секоја втора-трета светилка работи, трепка како пламен од свеќа.
Црни темничила, неосветлени пешачки премини да ти е страв и пеш да одиш и со кола да возиш по такви улици. Мрак! Време е да завијат сирените и на разглас на најјако да се пушти песната: „Градот убав пак ќе никне“. Белки скопјани ќе се потсетат како се сака сопствениот град.
За многу години 13 Ноември, денот на ослободување на Скопје. До година, здравје, послободно!