Мојот сон е дека во 2030 ќе можеме заедно да прославиме, Рим за ЕКСО 2030, а Северна Македонија како членка на ЕУ, затоа да работиме заедно за да ги постигнеме овие цели, порача денеска римскиот градоначалник, Роберто Гуалтиери на настанот во Скопје организиран од Италијанската Амбасада и Делегацијата на ЕУ, на која беше презентирана кандидатурата на Рим за ЕКСПО 2030 година.
Гаултиери посетата на Скопје ја оцени како одлична, напоменувајќи дека имал повеќе средби на кои се говорело за римскиот проект за ЕКСПО 2030, но станало збор и за преземање конкретни чекори за соработката помеѓу Рим и Скопје, но и меѓу Италија и Северна Македонија.
-Потпишавме Меморандум за разбирање, договор за соработка помеѓу Рим и Скопје во повеќе полиња – култура, бизнис, административна соработка затоа што мислам дека денес се соочуваме со истите предизвици и имаме многу да си кажеме, и мислам дека има огромен потенцијал кога станува збор за туристичката размена и економската соработка помеѓу Италија и Северна Македонија, помеѓу Рим и Скопје, рече тој.
Нагласи дека планираат да организираат саем кој ќе биде поразличен од досегашните, кој ќе биде целосно одржлив и на кој сите држави би добиле еднаква видливост, и малите и големите.
-Би сакале да организираме саем која гледа кон иднината, која ќе остане. Ние ќе ја поддржиме изградбата на павилјоните на различни држави, вклучително и Северна Македонија, со цел нивното присуство на саемот да остане и во иднина, додаде римскиот градоначалник.