Претседателот на Светски Македонски конгрес – Канада, Боби Темелков, упати јавен повик до новоизбраните градоначалници од опозицијата, со кој ги повикува до нова година да соберат 20.000 евра.
Средствата биле планирани да се поделат на семејствата на осудените за нападот во Собранието, а Темелков порача дека очекува градоначалниците да му пишат во порака и да го известат дали го прифаќаат предизвикот.
-Македонци од светот до нова година ќе соберат најмалку 20.000 евра за фамилиите на уставобранителите, или сам ќе ги исплатам! Ги поканувам сите новоизбрани градоначалници и општини од опозицијата, кои убедливо победија на овие локални избори, да соберат уште толку колку што ние од дијаспората ќе собереме, и ќе ги подариме на семејствата на уставобранителите. Или да најдат начин уставобранителите да се бранат од слобода! –апелира велешанецот кој околу две децении живее во Канада.
И во изминатите две години, тој организираше донациски акции за семејствата на осудените. Пред три години пак, беше дел од организацијата на коктел на кој се донираа средства за поддршка на кампањата за бојкот на референдумот за промена на името, и биле собрани дури 145.000 канадски долари. Тогаш информираа дека средствата им биле потребни на организациите за логистика, јавни настапи и протести.
Исто така, Темелков беше иницијатор и еден од организаторите на протестите кои се одржаа пролетта, а на кои се бараше слобода за осудените за нападот.
Вики Клинчарова