Неколку градоначалници од Источна Македонија од редовите на ВМРО-ДПМНЕ денеска се пожалија дека не добиле никаква помош од централната власт во справувањето со поплавите во нивните општини.
Градоначалникот на општина Кочани, Љупчо Папазов информираше дека тие организирале координативен состанок во врска со поплавите.
-Денес општина Кочани и јас како градоначалник имавме можност да организираме еден иницијативен координативен состанок со градоначалниците од истокот, поврзан со неодамнешните случувања во врска со поплавите, чувствувајќи дека изостана поддршката од централната власт ние се договоривме за неколку работи. Најнапред се договоривме да формираме локални кризни штабови, од регионален и општински карактер, го утврдивме оперативниот план со кој се мапираа критичните точки, кои беа на удар од поплавите и ги утврдивме ресурсите со кои располагаме, расположлива опрема и човечки потенцијал. На крајот донесовме заклучок дека треба да се формира комисија за проценка на штетите и да се бара надомест за истите, рече Папазов.
И градоначалникот на Пехчево, Александар Китански се пожали дека не добиле поддршка во справување со поплавите од страна на централната власт.