Во тек се повеќе постапки против градоначалници кои ги пречекориле своите надлежности, при разрешување на директори на општински училишта, велат од Министерството за образование. Како што беше случајот со градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, одземање на ингеренциите во делот за образование им се заканува и на градоначалници од СДСМ и од ДУИ.
Државниот просветен инспекторат веќе констатирал неправилности во неколку општини кои ги предводат и владејачките партии. Незаконитости во постапувањето се утврдени во Општина Липково, каде градоначалник е Еркан Арифи од ДУИ, на Општина Конче, каде градоначалник е Благој Илиев од СДСМ, на општина Боговиње, каде градоначалник е Аљбон Џемаили од Алијанса за Албанците и во Општина Желино со која управува Блерим Сејдиу од БЕСА.
„Во моментот Државниот просветен инспекторат води постапки по неколку пријави. Доколку се утврдени нерегуларности ќе им биде укажано на директорите и на градоначалниците истите да ги отстранат. Доколку тоа не биде сторено при повторниот увид, Државниот просветен инспекторат ќе го информира Министерството за образование по што ќе следи истата постапка како во случајот со Гостивар“, велат од Министерството.
На овие градоначалници им се заканува одземање на надлежностите во период од една година, од причина што незаконски разрешувале директори и на нивно место поставувале партиски кадри.