Градоначалникот Темелковски даде отчет за сработеното

by fokus

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, денес даде отчет за сработеното во изминатите две години.

-Од активностите во комуналната сфера во овие две години, ќе го издвојам асфалтирањето на улици во должина од 10 км, како и поплочување со павер елементи на улици во должина од 13 км. Од  инвестирањето во изградба на подземна инфраструктура, изградбата на водоводна мрежа во должина од 2 км, фекална канализациона мрежа во должина од 1 км, а се гради и атмосферска мрежа во должина од 5,2 км, рече градоначалникот Темелковски.

Тој додаде дека изминатиот период интензивно се работело и на зголемување на процентот на зелени површини во општина Кисела Вода.

-На местото од некогашната депонија на ул.Герника, е изграден нов парк, уредено е парковското зеленило на ул. Киро Фетак, довршен е Паркот на бранителите и извршено негово хортикултурно уредување, ја проширивме и трим патеката, во повеќе наврати се вршеа организирани еколошки акции, засадување на дрвца низ целата општина, се собираше отпадот, повеќе пати годишно се организираа и акции за собирање на кабаст отпад, редовно се чистеа депониите и отворените канали. Сакам да назначам дека значаен чекор во поглед на активностите околу подобрувањето на условите за живеење и подигнувањето на еколошката свест е тоа што изработивме Катастар на загадувачи од општина Кисела Вода, рече градоначалникот.

Тој посочи и дека се изградени повеќе нови детски игралишта со реквизити за детска игра.

-Во Паркот Пушкин, две нови во паркот Шопен, мултифункционално игралиште во ООУ Кузман Шапкарев, во Паркот Македонија, како и ново игралиште во рамките на ООУ Партенија Зографски. Паралелно, извршивме санација на сите постојни детски и спортски игралишта во општина Кисела Вода. Во насока на подобрување на услугите кон граѓаните, преку соработката со Министерството за локална самоуправа набавивме ново кипер возило, а набавивме и дувалки за снег кои секако, ќе бидат потребни во зимските денови кои следат. Преку поставување на бесплатни вифи зони, интернетот го направивме достапен на сите позначајни локации во овој дел од градот., рече Темелковски.

Градоначалникот спомена и некокку нови проекти.

-Во овој момент сакам да споменам и неколку проекти кои во моментов отпочнуваат и кои ќе се работат во периодов што следи. Имено веќе е распишан тендер за избор на фирма изведувач за реконструкцијата на патот кон верско-рекреативниот центар Три Круши, кој воедно ќе добие и целосно ново осветлување. Веќе споменав дека во моментов се работи на изведба на атмосферска канализација на ул. Саса 6 како и изградба на оваа улица. Завршувањето на атмосферската канализација на Кавалска, ќе значи и финализација на големиот проект за изградба на атмосферска мрежа во Пржино во должина од 5.2 км, посочи Темелковски.

Поврзани новости