Градоначалникот повика на масовност на маршот за Фросина во Неготино, од општината излегоа со детали за настанот

by Fokus

Под слоганот ,,Стоп за сообраќајното насилство” во сабота (осми февруари) во Неготино ќе се одржи протестен марш на кој ќе се бара правда за прерано згаснатиот живот на нашата сограѓанка Фросина Кулакова, но и за сите други жртви во сообраќајот.

Планирано е протестниот марш да започне во 14.00 часот од центарот на градот на улицата ,,Маршал Тито” кај семафорите, потоа учесниците на протестот ќе се движат по главната улица, со крајна дестинација градските гробишта и вечното почивалиште на Фросина, соопштија од општината.

Додаваат дека целиот настан е координиран и маршот ќе биде обезбедуван од припадници на МВР, а се апелира до сите граѓани на Општина Неготино во сабота, доколку не е крајно неопходно, во овој период од денот да не излегуваат со возила, бидејќи се очекува голема масовност на протестот и присуство на граѓани од цела Македонија.

– Доста е со жртви на улиците – ќе биде основата порака од протестот на кој ќе се побара поголема безбедност на улиците, подигање на свеста за опасностите во сообраќајот, најстроги казни за сообраќајните насилници и одговорност од институциите.
Како Општина Неготино го поддржуваме протестот и активно ќе се вклучиме во истиот, а воедно ги повикувам и сите сограѓани да дојдат во сабота и да се придружат на протестот за прерано згаснатиот живот на Фросина, на Викторија и на многу други кои не се меѓу нас поради присутното насилство во сообраќајот и неказнивоста на извршителите на овие дела, истакна градоначалникот д-р Горан Стојанов.

За протестниот марш ќе има и организиран бесплатен автобуски превоз од Скопје до Неготино и назад. Сите кои од Скопје сакаат да се вклучат во маршот, се повикуваат во сабота во 11 часот пред хотелот Холидеј Ин, од каде ќе се трга кон Неготино.

Иницијатори на настанот се другарки на младата Фросина Кулакова, чиј живот згасна на скопската улица „Патризанска“ пред една недела.

Вики Клинчарова

Поврзани новости