Градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев, кој беше осуден на казна затвор од 18 месеци за шверц на цигари, нема да го изгуби мандатот. Бидејќи казната му беше намалена на 6 месеци нема законски основ да му биде одземен мандатот со што Стојчев по одлежување на казната ќе се врати во градоначалничката фотелја.
Апелацискиот суд во Штип му ја намали првостепената казна, а струмичкиот суд ја потврди. Според член 54 од Законот за локална самоуправа мандатот на градоначалникот му престанува ако е осуден на казна затвор над шест месеци.
Стојчев има уште помалку од три месеци за отслужување на казната, со што до крајот на годината ќе продолжи да ја извршува функцијата градоначалник. Да не беше намалена неговата казна, тогаш ќе ја изгубеше функцијата, а во Ново Село ќе требаше да се одржат нови локални избори.
Инаку, Стојчев и членови на неговото блиско семејство ова лето беа фатени како шверцуваат 3.300 штеки цигари на див премин преку македонско – бугарската граница.