По петочната молитва во село Стримница во Општина Желино, градоначалникот на општината Блерим Сејдиу бил запрен од лице со иницијали Ф.Б. кое му се заканувало, како што вели Сејдиу поради што се уште не го вработил. Во тој момент во обид да ја смири ситуацијата интервенирал соселанец, кој се степал со лицето Ф.Б.
Градоначалникот Сејдиу свое објаснување за настанот даде на својата официјална фејсбук страна:
„Сакам да ја информирам јавноста дека денеска бевме сведоци на една неочекувана и незавидна ситуација, во Стримница,а на крај (без мое присуство) ме известија дека завршило со физичка пресметка. Морам да ве известам дека целата оваа ситуација започна со лице кое беше ментално болно и почна да биде вербално агресивно и да се заканува кон мене, барајќи од мене да го вработам.
Ова лице не го познавав, ниту сум имал претходни проблеми, а поради психички проблеми е во психијатриската болница во Бардовци и претходно е осуден на неколку години затвор за сторени кривични дела. Така, откако излегов од џамијата во Стримница, се најдов пред неочекувана, непозната ситуација и бев предупреден дека можеби ќе треба да се соочам со лице кое ми се појавува пред очи врескајќи, со тенденција за евентуален напад.
Подоцна дознав дека дотичниот бил во изолација од надлежните во Бардовци и пуштен на неопходно домашно лекување и под родителска грижа. Значи, лице за кое подоцна дознавме од полицијата извршило десетици кривични дела, за силувања, кривични дела, тепања, физички напади и слично. Фала му на Бога, јас лично заедно со тројца административци на општината кои ми беа блиски, за момент бевме во опасност од овој деликвент, но и благодарение на некои добронамерници (кои не ги познавам и кои случајно беа на местото на настанот) навреме интервенирале (најверојатно го познавале деликвентот), обидувајќи се да го смират вториот, не дозволиле никаков несакан инцидент или евентуален физички напад врз мене или врз административните службеници од општината кои биле таму.
Изразувам длабоко жалење за оваа неочекувана ситуација што ја доживеавме денес, од деликвент кој денеска требаше да биде во неопходна медицинска изолација, а не на слобода да ги загрозува граѓаните.Предметниот случај е изнесен до надлежните органи и предметното лице е на лекување во болница и против кое ќе бидат преземени потребните законски мерки”, информираше градоначалникот Сејдиу.
Претходно полицијата соопшти дека денеска во 14.15 часот О.И. (36) од с.Стримница, тетовско, самиот се пријавил во Полициското одделение Групчин откако во угостителски објект во селото Стримница со остар предмет му нанел убодна рана на Ф.Б. (33) од с.Стримница. Ф.Б. е пренесен во Клиничка болница Тетово за укажување на лекарска помош.
Според пријавеното во СВР Тетово, претходно, околу 13.35 часот во дворот од џамијата во селото Стримница, Ф.Б., вербално го нападнал Б.С. (34), градоначалник на општина Желино, а физички го нападнал И.И., татко на О.И., по што се дал во бегство.
Околу 14 часот, според пријавеното, Ф.Б. дошол во угостителскиот објект каде бил О.И., по што настанала расправија и О.И. му нанел убодна рана на Ф.Б.. СВР Тетово во координација со јавен обвинител од ОЈО Тетово презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот.