Властите во Чешка реагираа на масовното пукање во Прага, во кое според полицијата загинаа најмалку 15 лица.
Градоначалникот на Прага – Бохуслав Свобода за чешките медиуми изјави:
„Секогаш мислевме дека тоа е работа која не нè засега. Сега испадна дека, за жал, и нашиот свет се менува и дека и тука се појавува проблемот со индивидуалниот стрелец“.
Инаку, нападот денеска попладне на Факултетот за уметности на Универзитетот Чарлс е најлошото фатално пукање од независноста на Чешка пред 30 години.
Последниот вооружен напад се случи во декември 2019 година во болница во Острава, кога маж отвори оган во чекалната на клиниката за траума, убивајќи четворица мажи и две жени, пред да го сврти пиштолот кон себе.
Во февруари 2015 година, човек отвори оган во ресторан во источниот град Ухерски Брод. Во нападот загинаа осум лица.
Иако нападите со оружје се ретки во Чешка, ловот со оружје е популарен.
Во 2019 година, чешката влада залудно се обиде да ја поништи забраната на ЕУ за полуавтоматски пушки за приватна употреба, донесена по серијата смртоносни напади низ Европа.