Градоначалникот на Охрид Константин Георгиевски го осуди оштетувањето на споменикот за загинатите бугарски туристи пред 11 години во овој град во несреќата со бродот „Илинден“.
Тој бара граѓаните да покажат повисока свест.
-Во мое лично име и во името на Општина Охрид упатувам јавна осуда до несовесните граѓани кои во текот на претходните денови извршиле оштетување на споменикот „Солза на Роза“, кој беше поставен годинава по повод одбележувањето на единаесет годишнината од несреќата на бродот „Илинден“ во која загинаа 15 бугарски туристи. Апелирам до граѓаните да се воздржат во вакви и слични вандалски однесувања и да покажат повисока свест за чување на јавните површини, споменици и објекти, вели Георгиевски.
Синоќа со осуда се јави и Министерството за надворешни работи (МНР), а веста за сквернавењето претходно се најде и во бугарските медиуми.
-Надлежните служби се информирани и во најскоро време ќе го отстранат ова злодело на неодговорни и злонамерни поединци, за да можеме достоинствено да ја паметиме ова трагедија, наведоа од МНР.