Антикорупциска комисија не гледа ништо спорно во тоа што градоначалникот на Неготино, Тони Делков, ја вработил сопругата на својот прв братиучед.
Таа била вработена на местото техничка секретарка, а на оглас на кој се пријавиле вкупно три лица. Во постапката што ја водеше Антикорупциска било утврдено дека две од лицата отпаднале во изборот поради неуредна документација, по што била вработена роднината на градоначалникот.
Антикорупциска го затвори овој предмет и не поведе понатамошна постапка поради тоа што било констатирано дека вработувањето било законски спроведено и согласно планот за вработувања во општината. Сепак членовите на Комисијата донесоа одлука да покренат прекршочна постапка против Делков, но за друг случај.
Антикорупционерите утврдиле дека Делков потпишал вработувања на нови лица за време на изборна кампања. Според Комисијата, Делков не смеел да започне постапка за вработување на нови лица за време на изборна кампања, или веќе започнатите постапки да бидат ставени во мирување.
Станува збор за вработувања преку Агенција за привремени вработувања.
Маја Васева