Градоначалникот на Лозово пишува биографија: Жените ми направија хајка, ќе кажам низ што минувам три години!

by fokus

Ацо Велковски е актуелен градоначалник на Општина Лозово, но и кандидат за иден градоначалник од редовите на СДСМ. За неговата најавена кандидатура вчера се појавија реакции во јавноста, бидејќи во минатото беше обвинет за мобинг од страна на две жени од општината, а во телефонски разговор за ,,Фокус” тој вели дека вистината за случаите кои му биле ,,сместени” наскоро ќе ја дознае цела земја.

-Народот во Лозово ме сака, а јас без двоумење, со сите сили ќе се борам за вториот градоначалнички мандат, бидејќи веќе докажав со работа дека сум компетентен за оваа функција.
Тоа што го сработив за помалку од четири години во општината, моите претходници не можат на кантар да го мерат, нема споредба. Луѓето кои добро ме познаваат се свесни за мене и моето семејство, за нашите човечки квалитети и пред се желбата за напредок на секое поле во Лозово. Делата нека зборуваат – вели Велковски.

На прашањето што се случува со двете жени кои јавно го обвинуваа за мобинг и плачеа пред камера, тој вели дека недоразбирањата се надминати, тие си одат на работа, но што всушност стоело зад настаните, ќе објавел во својата биографија која веќе извесен период ја пишувал.

-Тоа беше смислена хајка од страна на ВМРО! Синот на едната жена која ме обвинуваше е претседател на ВМРО во Лозово, другата, ете целата јавност виде дека се кандидираше за градоначалничка, а е во блиски релации со високи функционери од ВМРО.
Ќе чита јавноста за се низ што поминав, за целата хајка која дури и се уште трае, повеќе од три години. Ќе дознаат сите за патолошката бременост, за сплетките и игрите кои ми се сместуваа, само поради тоа што посветено си ја вршев функцијата. Мојата биографија наскоро ќе биде готова, ќе се расветлат настаните за кои цела земја зборуваше, а само оние кои добро ме знаат, ја знаеа вистината – појаснува градоначалникот.

Додава дека тој со години наназад бил полициски службеник, функционирал воден според редот и правилата, и токму поради таа дисциплина на која свикнал целиот живот, не сакал да демантира или пак детално да појаснува во јавност што му се случува.

-Цело Лозово ме знае, ме познава цел Велес. На сите им беше јасно дека стануваше збор за организирана хајка против мене. Кога си успешен, нормално е дека ќе те напаѓаат од спротивниот табор. Не сакав да се правдам, оставам времето да покаже некои работи, што ете веќе и се случува.
Политика е ова, веќе ништо не ме изненадува. Важно ми е тоа што во општината се оди напред, се гради, постојано има нови проекти. Тоа му е важно и на народот-раскажува Велковски.

Околу тоа што на некој начин во јавноста стана познат како ,,локален шериф” бидејќи откако медиумите објавија дека жени вработени во општината се жалат на мобинг од страна на општинската управа, премиерот Зоран Заев порача градоначалниците да не изигруваат локални шерифи и да му служат на народот, тој вели дека тоа било грешно протолкувана и пренесена изјава.

-Премиерот тој израз ,,локален шериф” не го употреби за мене, туку општо, го кажа за сите градоначалници, да им служат достоинствено на граѓаните. Ама, изјавата беше извртена, од разни медиуми толкувана на разни начини. Тоа што жителите на Лозово повторно застанаа зад мене, само докажува дека јас совесно си ја работам мојата работа. Јас посветено продолжувам напред, во интерес на напредокот на Лозово – изјави Велковски за ,,Фокус”.

Вчера, кога ги објави имињата на 30 кандидати за градоначалници на СДСМ, премиерот Заев за Велковски изјави дека граѓаните застанале доминантно зад градоначалникот Ацо, според направени истражувања.

Вики Клинчарова

Поврзани новости