Градоначалникот на Куманово бара таму полицискиот час да почнува во 18 часот

by Fokus

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, најави дека по препорака на Општинскиот кризен штаб, од Владата ќе побара полицискиот час во овој град да трае подолго од тој што е воведен на територија на целата држава.

-Бараме од Владата да воведе посебен  режим за Општина Куманово, да се зголеми тајмингот на полицискиот час, од 18 до 6 часот. Да се постават контролни пунктови на територија на градот и да имаме контролиран влез и излез и на пунктовите ќе се врши дополнителна дезинфекција. Од Централниот државен штаб бараме постојана координација и навремено споделување на сите информации во однос на сите настанати состојби на територија на Општина Куманово, за да може дополнително како Општински штаб да координираме со активностите, изјави Димитриевски на денешната прес-конференција.

Тој изрази сочувство до семејството на починатата кумановка, прв смртен случај од коронавирусот во земјава и им посака брзо закрепнување на останатите две лица кои се заразени од ковид-19.

Тој порача дека кумановци отсекогаш знаеле да се справат со големи проблеми и додаде оти овој пат заеднички ќе биде надминат и овој проблем.

-Клучот е во секој од нас, а херои се оние кои ги почитуваат редот и дисциплината. Не примајте посети и гости. Ако некој забележи дека член од семејството покажува одредени симпотоми, повикајте лекар. Ако не се почитуваат препораките, тогаш ќе се прошири вирусот. Општината ќе воведе и дежурен телефон на кој граѓаните ќе можат да пријават постоење на евентуална инфекција на коронавирус, вели градоначалникот на Куманово.

 

Поврзани новости