Директорката на ООУ „Даме Груев“, каде што ученик подолго време бил жртва на врсничко насилство е разрешена, и таа продолжува да работи како одделенски наставник во истото училиште. Јавноста којашто бара одговорност и од класниот раководител на малтретираното момче, од педагогот, па и од обезбедувањето, треба да биде информирана дека тоа не е во моите ингеренции. Јас како градоначалник на Општина Градско максимално се трудам случајот да добие разрешница, но на потег се МВР и Центарот за социјални работи – Велес – во телефонски разговор за „Фокус“ открива градоначалникот Киро Нацков.
Тој вели дека околу три недели, откако се случило малтретирањето на ученикот, кој бил стипендист на општината и кој имал континуиран одличен успех и голем број на признанија и награди, постојано е во контакт со неговиот татко. Но, според закон, вели дека рацете му се на некој начин врзани, бидејќи како единствена опција е дозволено да им се намали поведението на учениците кои го малтретирале нивниот соученик, и можат да бидат префрлени во друга паралелка, но во истото училиште.
-Тоа е така, бидејќи во Градско имаме само едно основно училиште. Се разгледуваше опцијата тие да бидат префрлени и во подрачното училиште во Виничани, но според закон, мора да им се обезбеди и превоз, па затоа таа опција е исклучена. Друга можност е тие да се префрлат во училиште во Велес, но после сето ова што се случи, прашање е дали некое од тамошните основни училишта ќе ги прифати –појаснува градоначалникот.
Во меѓувреме, малтретираниот ученик се уште не оди на училиште и губи од наставата веќе три недели. Токму поради тоа, градоначалникот апелира до МВР и Центарот за социјални работи Велес, да го решат случајот во најкраток можен рок, со цел да се знае дали ќе има обвинение за учениците кои биле насилни.
-Без конкретни детали од надлежните служби како може да се постапи? Уште кога се случи настанот во училиштето се одржаа пет-шест родителски средби, на кои биле повикани родителите на учениците и долго се разговарало како да се најде решение. Кога станува збор за ученици од основно образование, според закон, тие не можат да бидат избркани од училиштето, туку единствено преместени. Токму затоа, повторно посочувам до МВР, Центар за социјални работи, Државен инспекторат за образование и сите надлежни служби да не губат време и детално да го испитаат целиот случај- вели Нацков.
Од свои извори „Фокус“ дознава дека за време на средбите со родителите на учениците, кои се одржале во училиштето, тие најпрвин се извиниле и прифатиле одговорност. Но, тоа се случувало за време на првите неколку средби, кога доаѓал таткото на еден од обвинетите ученици. Кога пак на родителска средба дошла мајката на едниот ученик, таа не прифаќала одговорност и порачала дека полицијата треба да докаже дали и како настанот навистина се случил.
-Поминаа три седмици од настанот, а ученикот на чии успеси цела општина е горда, и затоа ја доби и општинската стипендија, не оди на училиште. Од него зависи дали ќе сака да продолжи да оди на училиште, додека учениците кои го малтретирале истовремено учат во истото училиште, но во друга паралелка. Неговиот татко моментално е пат надвор од земјава, не сум се слушнал со него од пред еден ден, и не можам да кажам која ќе биде одлуката. Во меѓувреме, институциите мора да се посветат на итно решавање на случајот, во интерес на сите засегнати страни – изјави градоначалникот.
Вики Клинчарова