Градоначалникот на Гази Баба си има мака со мнозинството советници на ВМРО-ДПМНЕ

by fokus

Градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски, од СДСМ, тврди дека мнозинството советници кои се од ВМРО-ДПМНЕ, го блокираат разојот на општината. Според Георгиевски, советниците од опозициската партија ја блокираат програмата за градежно земјиште, спротивно на законот.

На последните локални избори во оваа општина, победи кандидатот за градоначалник на СДСМ, но советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ освои повеќе гласови.

Георгиевски денеска изјави дека советничката група на ВМРО ДПМНЕ во Советот на општина Гази Баба го продолжува деструктивното однесување, како што тоа го правеше изминатите 21 година, рече тој, и продолжува да работи спротивно на интересите на граѓаните.

-Покрај блокирањето за изградбата на фекалната канализација во Јурумлери, со последната одлука да не гласаат ЗА Програмата за работа во областа на располагање со градежното земјиште во сопственост на Република Македонија со која е предвиден приход од 9.000.000 евра, советниците на ВМРО ДПМНЕ го оневозможуваат развојот на општината. Парите од продажба на градежното земјиште се приход на Општината, кој директно се враќа кај граѓаните преку инвестиции во инфраструктурни објекти – изјави градоначалникот.

Советниците на ВМРО ДПМНЕ, рече тој, требале да знаат дека Програмата за работа во областа на располагање со градежното земјиште во сопственост на Република Македонија е стапена на сила на ден 11.03.2017 година и е со важност од една година од објавувањето.

-Брзата реакција на општинската администрација и брзиот одговор на министерството за транспорт и врски се потврди дека општина Гази Баба постои за граѓаните, а не за една група на корумпирани политичари без никаква визија. Градоначалникот и општинската администрација работи во интерес на граѓаните, јавно и транспарентно и согласно законите на Република Македонија. Ве уверувам дека расипничкото и не одговорно однесување на советниците од ВМРО ДПМНЕ нема да влијае на развојот на Општината и реализацијата на планираните капитални инвестиции за доброто на граѓаните – порача Георгиевски.

 

Поврзани новости