Градоначалникот на Арачиново бил мета на истрели – двајца браќа му се заканувале

by Fokus

Попладнево имало пукотници во скопската општина Арачиново, мета на истрели од огнено оружје бил градоначалникот Ридван Ибраими.

Според информациите, нападот се случил додека градоначалникот шетал на отворено, а настрадал член на неговото обезбедување, пишува Радио Слободна Европа.

За сега не се познати причините за овој инциддент.

Информациите се дека јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје неодамна повел постапка против двајца браќа за загрозување на сигурноста на градоначалникот Ибраими.

„Осомничените, на возраст од 42 и 35 години, во повеќе наврати телефонски му се заканувале на службеното лице – градоначалник на општина Арачиново, предизвикувајќи кај него несигурност, вознемиреност и страв. Откако ги пријавил, тие преку вибер пораки продолжиле да упатуваат сериозни закани дека ќе нападнат по неговиот живот и тело“, соопштија тогаш Јавното обвинителство.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, привремено одземање патна или друга исправа за преминување на граница, обврска да се јавуваат кај надлежен орган, забрана за влез во општина Арачиново, како и забрана за приближување и контактирање со градоначалникот Ибраими.

Поврзани новости