Здравко Чолиќ беше главната музичка ѕвезда во Крива Паланка, на јубилејното десетто издание на Џојфест, и успеа да донесе огромен број на посетители. Како што за ,,Фокус” раскажува градоначалникот Сашко Митовски, се срушил рекорд на посетеност, и во Крива Паланка имало околу 34.000 народ.
-Минатата година со главните музички ѕвезди Црвена Јабука И Аца Лукас, градот беше преполн, но оваа година, со Чолиќ, се случи чудо, значи имаше двапати повеќе посетители, според досегашните проценки, околу 34.000 луѓе.
Во целата таа еуфорична атмосфера, морам да кажам дека се помина во најдобар ред, немаше никакви инциденти, организацијата беше на ниво.
Се работеше посветено, се внимаваше на секој детал, од организирање на паркинг за посетителите, одржување на ред, беа вклучени многу екипи, со цел општината да се покаже во вистинско светло, а посетителите да уживаат во забавната програма- вели Митовски.
Открива дека имал средба со Чолиќ, се дружеле пред концертот, и впечаток му оставила скромноста на музичарот кој важи за една од најголемите регионални ѕвезди.
-Во ресторан Парк – Гиновци беше сместен, и за почит е тоа што тој е толку скромен и едноставен. Немаше никакви посебни барања, и покрај популарноста која му е огромна и му трае со децении, тој е еден приземен човек, и очигледно токму таа приземност и скромност се одлика на вистинските ѕвезди.
Поминавме еден час во разговор, останав со позитивни впечатоци. А неговиот настап, тоа е приказна за себе, значи три часа без пауза на бина, хит до хит, расположен народ од сите генерации. Дефинитивно, ова беше настан кој и донесе најголема посетеност на Крива Паланка- раскажа градоначалникот.
На настанот на првата фестивалска вечер настапија Владо Георгиев, ДНК, Фикшн, а пак на втората вечер, покрај Чолиќ, гостуваа и Нокаут и Галоски.
Вики Клинчарова