Во организација на Здружение за дислексија Ајнштајн и Општина Велес, минатата недела започна првата интерактивна обука на тема „Дислексијата во училницата – стратегии и алатки“. Со обуката се опфатени наставниците од второ одделение и стручните служби од сите училишта во Општина Велес, а градоначалникот Марко Колев, како лице кое има дислексија, вели дека се обврзал промените за подигање на јавната свест и едукација на наставниот кадар на темава, да започнат токму од Велес.
Во разговор за „Фокус“ тој појаснува дека дислексијата е состојба со која се соочуваат 10 до 15 проценти од децата во Македонија. Предизвикува потешкотии во читањето, мешање на букви, понекогаш и зборови, интерпукциски знаци, но во никој случај не значи ментална заостанатост. Доколку на време не се препознае и не се понуди помош, учениците можат да заостанат со активностите, а поради неретката дискриминација од околината, може да пројават и отстапувања во однесувањето.
Во интервјуто, тој отворено раскажа за болната тема, за дискриминацијата и навредите со кои се соочувал додека бил ученик, за борбата да се надмине состојбата, за која дури на свои 35 години открил дека всушност е дислексија. Со цел да им помогне на сите кои се соочуваат со истата состојба, воден од личното искуство, за да се подигне свеста, но и да пружат што е можно повеќе информации за дискелсијата, со цел навремена помош на засегнатите, градоначалникот со ,,отворени карти” разговара на темата.
Фокус – Општина Велес започна со обука на наставници и школски стручни служби на тема „Дислексијата во училницата – стратегии и алатки“. Чија беше иницијативата?
Колев – Како лице со дислексија кое знае што значи потребата од обучен кадар, сметав дека како носител на функцијата градоначалник навистина можам да придонесам за чекор напред во ова поле каде што раната детекција и навремениот пристап е од клучно значење. Токму затоа иницијативата за обука на наставниците и стручните служби во училиштата беше на Општина Велес. Покрај оваа обука, во соработка со Здружението за дислексија Ајнштајн во наредниот период за сите наставници, родители и заинтересирани лица од Општина Велес ќе биде достапен и бесплатен курс кој ќе придонесе за уште поголема едукација и подигнување на свеста.
Фокус – Вие сте лице со дислексија. Со кои потешкотии се соочувавте поради оваа состојба во време на вашите школски денови? Имате ли лоши спомени?
Колев – Ова е болна тема за која од скоро почнав да зборувам јавно. Она што во процесот на образование го минат лицата кои имаат дислексија а не знаат е многу тежок процес. Иако често стручните служби во училиштето работеа со мене, проблемот со читање го препишуваа на моето подолго отсуство од училиште на почетокот на прво одделение поради жолтица, или пак на фактот дека одев на училиште со една генерација постари од мене. За оваа состојба дознав случајно пред само 2 години, во разговор со пријателка од која за прв пат го слушнав терминот дислексија кој значи потешкотии во читањето. Ме упати во „Ајнштајн“, здружение специјализирано за работа со лица со дислексија каде за кратко време отидов и ми го потврдија токму тоа – јас имам дислексија. На 35 годишна возраст за прв пат дознав што е она со кое живеам целиот живот и ме мачи уште од прво одделение. Дислексијата всушност претставува помалку развиена лева хемисфера во мозокот, каде што се сместени читање, пишување и изразување и иако видот ми е одличен, мојот проблем е конекцијата помеѓу очи, мозок и говор. Дополнително, психичкиот момент е многу важен, бидејќи живееме во општество каде што за жал дискриминацијата е на многу високо ниво и често сум бил мета на навреди и потсмев што придонесува за затварање и губење желба за одење на училиште. Најголем проблем претставува предметот по македонски јазик, од кој до денес имам трауми, но решив да се борам и затоа ги споделувам јавно. Битката почна во основно, продолжи во средно и кулминираше во високо образование. Не би сакал ниту едно дете да го доживее она што го доживував јас уште во основно образование, каде што наместо да бидеме заштитени од наставниците бевме мотивирани уште повеќе да читаме, што дополнително придонесуваше за продлабочување на тој психички момент поради сите навреди и погрдни зборови од страна на соучениците. Секогаш кога имало приредби или настани каде што треба да се чита текст, да се научи песна, секогаш се тргав на страна и ги избегнував за да избегнам реакции како на часевите. Јас бев последна генерација која полагаше тестови за упис во средно образование. Пред да се запишам и завршам средно во „Коле Неделковски“, не успеав да го положам приемниот испит по македонски јазик и математика за упис во економското училиште. Лицата со дислексија не треба да имаат временско ограничување за тестови, или пак како што е во современите земји за овие лица треба да има ментор или читач кој ќе им помогне во решавање на тестот. Потоа дипломирав на природно – математички факултет и она што до скоро не го споделував јавно е дека дел од испитите ги положив со мојата мајка – таа ми ги читаше предметите, а јас ја слушав.
Фокус – Дали се уште постои дискриминација кон лицата со дислексија, како може да се надмине таа?
Колев – За жал, да. Дискриминацијата по било кој основ, вклучително и кон лицата со дислексија е широко присутна во нашето општество и задача на секој од нас е да тргнеме од себе, да се водиме по начелото дека не треба на другите да им го правиме она што не сакаме да ни го прават нас. Неопходно е подигнување на свеста, но и преземање на конкретни чекори со реформи во образование, законски измени и едукација пред се на стручните кадри, но и на сите останати.
Фокус – Сметате ли дека доволно се зборува за оваа состојба, за предизвиците со кои се соочуваат младите лица со дислексија, но и дека во земјава свеста е на високо ниво?
Колев – За оваа тема во Македонија зборуваме од пред само 5 години а според статистиките од 10 до 15% од населението се соочува со дислексија. Она што навистина недостига е посериозен ангажман од страна на државата. Во Велика Британија има цели училишта и институции кои се занимаваат со оваа проблематика, прилагодени испити за возачи, асистенти за лица со дислексија итн… Дополнително, лицата со дислексија имаат потреба од соодветен фонт во книгите, растојание меѓу редовите, големина на букви, за да може потечно и полесно да се чита, што кај нас не е така. Доколку се преземат вакви конкретни чекори ќе придонесеме за подигање на свеста, рана детекција, третман и прифаќање на лицата со дислексија во нормална и функционална средина.
Фокус – Денес, како зрела личност, но и како јавен функционер, се случува ли да наидете на проблеми поради состојбата? Како ги надминувате?
Колев – Да, секако, проблемите и потешкотиите траат и денес. Како градоначалник од мене се очекува разни презентации, говори, прес конференции, со еден збор јавни настапи кои кај мене го активираат оној психички момент дека ќе треба да прочитам нешто. Неколку техники кои ги применувам откако дознав дека имам дислексија и кои ми помагаат се фонт за дислексија, кратки текстови со силни пораки за полесно справување, контраст на бои на пример црни букви на жолта хартија, користам често исти, познати зборови кои се повторуваат, а секако и фото меморијата како алатка и добра подготовка пред било каков јавен настап.
Фокус – Ви се случило ли, на пример, да откажете работна средба, дебата или слично поради дислексијата?
Колев – Се случило, но и се уште се случува да избегнам, или барем да пробам да избегнам или одложам. Највпечатлив момент беше пред неколку месеци, кога неколку кандидати за градоначалници имавме обука за јавно говорење од која јас во прв момент избегав. Подоцна го викнав мојот пријател, актер и претседател на Советот на Општина Велес Зоран Љутков, му кажав со што се соочувам на што тој ми кажа дека препознал и веќе знае и ме охрабри да излезам и да кажам пред присутните што наиде на поддршка и охрабрување со силен аплауз. Проблемот е се уште тука, но од ден на ден полека се оттргнува. Во вакви моменти клучна е и реакцијата и поддршката од најблиските, семејството и соработниците кои ме поттикнуваат и ми помагаат да ги надминам овие моменти. Колку влијаат реакциите од средината, посебно врз младите со дислексија, во период кога тие се градат како личности? Не ретко не сме свесни колкава е тежината на зборовите кои ги изговараме и колку тие можат да одбележат нечиј живот. Посебно во оние критични, тинејџерски години кога се формираме како личности и кога сите позитивни или негативни реакции од средината можат да ни го трасираат патот за понатаму. Оттука одговорноста на сите нас поединечно и колективно е да развиеме емпатија, да ја сфатиме важноста на инклузијата и прифаќањето на различните од нас и да не се штедиме правејќи го тоа. Ваша порака до оние кои се соочуваат со состојбата, но и ваше видување, на кој начин може да се понуди конкретна помош и да се подигне јавната свест? Веќе посочив повеќе конкретни насоки, во однос на мој придонес во моментов како градоначалник, но и можен придонес од страна на државата со соодветна законска регулација и реформи. Секако, тука може да се приклучат поединци, компании, здруженија со поддршка на кампања за подигање на свеста, или пак издавачки куќи кои би размислиле за печатење книги прилагодени на лицата со дислексија. Полето за промени е широко, само треба да имаме волја за вистински да се заложиме. А мојата порака до сите кои се соочуваат со дислексија или било која друга слична состојба е да не се откажуваат, истата да не им биде пречка, туку напротив, да им биде мотив за успех и личен напредок. Да ги откријат своите предности и силни страни кои ќе ги водат напред да ги надминат препреките и да ги остварат своите соништа.
Вики Клинчарова