Актуелна вест во повеќе електронски медиуми деновиве е дека Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на Кисела Вода се појавил на настан со рачен часовник, кој изнесувал околу 8.000 евра.
Според пишувањата, станувало збор за ,,IWC Aquatimer Chronograph IW376803″, редок луксузен часовник, па се доведуваше во прашање скромноста на градоналачникот, како и неговата хуманост во време кога често зборувал за сиромаштијата на граѓаните.
Сепак, како што појаснува Ѓорѓиевски во телефонски разговор за ,,Фокус”, рачниот часовник за него имал огромна вредност, бидејќи му бил подарок од сопругата, а цената на истиот изнесувала околу 250 евра.
“Го имам часовникот со години наназад, посебно ми е значаен, бидејќи го добив како подарок од сопругата. Цената му е околу 250 евра. Целата оваа приказна со рачен часовник кој има една баснословна цена доаѓа во време кога се бара начин како да се фрли дамка врз мене, посебно оваа недела, бидејќи очигледно не може да се најде друг начин за да се засени напредокот кој се случува во Кисела Вода.
Да потсетам, за само една недела се реализираа 90 проценти од програмата, и тоа може да се види.
Фекална канализација по четири децении во Пинтија, започнавме со изградба на рекреативно туристичко место ,,Покрсти”, изградба на единствен во земјава, парк на шахот, дигитализација на сите училишта во општината…
Сведоци сме дека повеќе од триесет години во Македонија напредокот оди тешко, без разлика на тоа од која партија доаѓаат градоначалниците. Кога во една општина вака забрзано се оди напред и се работи посветено, разбирливо е да се ставаат сопки и да не се избира начин на кој ќе се удри по оној кој си ја гледа работата како што треба.
Ете, приказната со часовникот се видела како најлесна мамка за ловење на негативни поени кон мене, но оставам делата да зборуваат погласно од шпекулациите-истакна Ѓорѓиевски.
Вели дека размислува по судски пат да ја истера вистината на виделина, затоа што лесно можело да се докаже за каков часовник станува збор. Порача да не се дефокусира јавноста од вистинските проблеми, бидејќи кога во една општина се работи, тоа е за доброто на целата заедница, без оглед на партиската припадност на граѓаните.
Вики Клинчарова