Општина Пробиштип ќе даде негативно мислење за отворање на нов рудник за злато и сребро „Плавица“, најави градоначалникот Драган Анастасов. Тој забележува дека фирмата која бара концесија планира рудникот да има површински коп, а тоа, како што вели, значи и загадување на воздухот, но и изградба на ново хидројаловиште, кое е планирано да се гради во северниот дел или во непосредна близина на самата периферија на градот.
„Колку што знам периодот за истраги е завршен, се чека да добијат концесија. Но, ќе бидам многу отворен и директен, мое и мислење на Општина Пробиштип, е дека ќе дадеме негативно мислење во однос на нова експлоатација или нов рудник во Пробиштип“, изјави Анастасов и додаде дека градот веќе има повеќе загадувачи, односно повеќе компании што егзистираат во тешката и загадувачка индустрија.
Пробиштипскиот градоначалник истакна дека во моментов кога бараат да се затвори најголемото жариште на болести, а тоа е старото хидројаловиште од рудникот Злетово, кое се наоѓа на влезот на градот, како локална власт не можат да дозволат да се изгради уште едно такво жариште. Според една од студиите, затворањето на ова јаловиште ќе чини пет милиони евра.